Во следните 10 години цените на недвижниот имот значително ќе се зголемат во сите делови на светот, објави денеска Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен.
Според резултатите од кварталното истражување на ИФО и Институтот за швајцарска економска политика (ИВП), цените на недвижностите ќе се зголемат во просек за девет отсто на глобално ниво во следната деценија.
– Порастот на цените на недвижностите е повеќе поттикнат од факторите на побарувачка отколку од понудата, изјави истражувачот на ИФО, Тимо Вонер.
Цените на недвижностите во Западна Европа ќе се зголемат во просек за 6,4 отсто, а во Северна Европа за 9,9 проценти, додека во следните 10 години Јужна Европа очекува цените на недвижностите да пораснат за дури 18,4 отсто, а во Источна Европа за 14,9 проценти.
Цените на недвижностите во Велика Британија ќе се зголемат за 8,4 отсто, во Германија за 7,2 проценти, во Франција за 5,5 проценти и во САД – за шест отсто.
Според прогнозата во цените на недвижностите во Јужна Азија ќе пораснат за 25,1 проценти, во Западна Азија – за 22,4 отсто и Централна Америка – за 24,4 отсто.
Во многу региони во светот, зголемената побарувачка за недвижен имот расте поради повисокиот животен стандард и повисоките приходи, како и поради растот на населението и желбата за повеќе простор за живеење.
За 37 отсто од анкетираните експерти поради овие фактори е зголемувањето на цените на недвижниот имот на глобално ниво.
Додека 27 проценти од анкетираните експерти оценуваат дека растот на недвижниот имот се должи на ограничените производствени капацитети за изградба на нови станбени области, повисоките цени на градежните материјали и недостатокот на парцели.
Околу 12 отсто од експертите сметаат дека за поскапувањето на недвижностите најмногу се виновни монетарната политика, инфлацијата и владините политики во одредени земји.
На регионално ниво, очекувањата на експертите за цените на недвижностите се во голема корелација со нивните прогнози за инфлација.
Истражувањето е спроведено од 14 јуни до 2 јули, при што учествуваа 1.405 економски експерти од 133 земји.
МИА