Израелската армија денеска соопшти дека идентификувала 126 заложници кои ги држел Хамас од ненадејниот напад на палестинската екстремистичка организација врз Израел, на 7 октомври.
Израелските власти првично процениле дека биле заробени околу 150 Израелци и странци.
Официјални лица изјавија дека бројот е намален откако по нападот на Хамас во јужен Израел беа пронајдени одреден број тела.
Портпаролот на израелската војска Ричард Хехт денеска изјави дека може да потврди за 126 заложници.
Војската, исто така, соопшти дека војниците пронашле останки на некои заложници за време на неколкуте копнени упади во петокот во Појасот Газа, но не соопшти за колку тела станува збор.
Хамас, кој владее со малата палестинска територија, тврди дека во израелските напади биле убиени 22 заложници. Групата, исто така, се закани дека ќе убива заложници доколку однапред не бидат објавени израелски напади врз цивилни цели.
Портпаролот Хехт кажа дека од почетокот на борбите се убиени 286 израелски војници.
Според најновите податоци, во нападот на борците на Хамас врз Израел се убиени над 1.300 лица, додека во израелските одмазднички напади врз Газа се убиени над 2.300 лица, соопштија локалните власти.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Вознемирувачки видеа) Објавени потресни снимки од почетокот на нападот на Хамас на Израел
Која е Хамас, која го нападна Израел
МИА/Фото: Унсплеш