На денешното рочиште за настаните во Собранието на 27 април минатата година треба да бидат сослушани четворица нови сведоци – Ацо Ангеловски, Александра Богоевска Крстановска, Маријан Митевски и Алим Алими.
Во петокот маратонското рочиште заврши со сведочењето на Сашо Тасевски, кој е актуелен директор на БЈБ, а во времето на случувањето во Собранието беше обезбедување на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Тој на рочиштето за „27 април“ во Кривичниот суд, посочи дека напаѓачите извикувале дека ќе ги убијат, дека нема каде да одат и оти ќе биде прогласена воена состојба. Како последица на нападите Тасевскисе здобил со две расекотини на главата, му била изместена вилицата и имал модринки по телото.
Претходно во Судот сведочеа Драган Крстевски од МВР, Владимир Стојков вработен во Собрание на РМ и Агим Нухиу, заменик министер за внатрешни работи.
Нухиу кој неколку часови сведочеше за текот на настаните во МВР за време на насилствата во Собранието на 27 април, кажа дека тогашниот директор на БЈБ, Митко Чавков, не одговарал на неговите повици. Со Чавков, кој раководеше со оперативниот штаб, остварил контакт во 20 часот откако претходно повеќепати залудно се обидувал да го добие на телефон. Нухиу рече дека кога го прашал што се случува, а Чавков, сега обвинет во случајот, му рекол дека „се случува народ“.
Обвинетиот Игор Југ на судењето вербално го нападна Нухиу и на судијката Добрила Кацарска и порача дека ако сака може да го осуди и на сто години затвор. Тој праша каде е српскиот разузнавач Живаљевиќ и забележа дека им се суди на 33 Македонци, додека странски разузнавач се шетал по Собранието. Обвинетиот Јане Ченто, пак, кажа дека токму Нухиу е првиот што треба да сноси одговорност.
Вработениот во Собранието, Владимир Стојков, раскажа дека дента за главниот влез бил задолжен обвинетиот Абдулфета Алими и опиша како пратеници ги отвориле вратите. Неговото работно место тогаш било покрај вратата од пленарната сала.
Кога дошло до тензии помеѓу пратеници, сведокот Владимир Стојков и Алими добиле насоки од началникот да го пренесат формациското оружје горе во кабинет зашто не е безбедно да остане долу бидејќи може да дојде некој да го земе и да го употреби. Кога го носеле оружјето кон кабинетот слушнале викање и кога се вратил назад кај главниот влез ги забележал пратениците.
Тој притоа посочи дека ги видел пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски како ги вадат гредите од средната врата, една од трите врати на главниот влез.
Во петокот сведочеа и градоначалникот на Шуто Оризари Курто Дудуш и една новинарка присутна во Собранието за време на случувањата.
На ваквата целодневна динамика на судење реагираше адвокатот Еленко Миланов. Се пожали дека условите биле ненормални и оти адвокатите не можат да се концентрираат на одбраната на обвинетите. Тој смета дека за ова мора да се погрижи Адвокатската комора, Народниот правобранител и Трудовата инспекција, бидејќи, како што наведе и тие како адвокати имаат права, кои сметаат дека сега им се нарушени.
МИА/Фото: Кривичен суд