Ламбе Алабаковски оваа успешна музичка година ја заокружува со својата верзија на една од, како што вели, неговите омилени македонски песни „Дејгиди луди млади години“, која веќе е пуштена во етерот.
Аранжманот е со потписите на Дарко Димитров и Никола Мицевски, Димитар Андоновски беше задолжен за виолините, додека Нина Јанева ги пее придружните вокали. Видеото, пак, кое носи една убава и емотивна приказна и е снимено во националниот парк „Галичица“ е со потписот на Зага продукција.
„Песната е една од моите омилени и морам да признаам дека стоеше спакувана во фиока околу 12 години, некако ми требаше време и таа, но и јас да созреам. Ете некако сега мислам дека е вистинското време за да ѝ ја претставам на мојата публика, но и на сите оние кои ја сакаат македонската традиционална песна“, рече Ламбе на денешната промоција во кафулето „Минт“ и откри дека токму со ова песна сакал да ја заврши оваа успешна музичка година, но и да го најави сето она што ќе следува во годината пред нас.
„Веќе се крчка новиот материјал, а мислам дека на крајот на следната година ќе ве поканам сите на еден убав концерт по повод мојот голем јубилеј – 20 години од почетокот на професионалната музичка кариера“, додава Ламбе.