еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Манастирите ни беа празни, смислувавме начини како младите да ги привлечеме во верата, вели Епископ Партениј

Македонското светилиште Бигорски манастир Св.Јован Крстител, за Бадник и Божик, блесна во сиот свој сјај, исполнет со народ, кој, овие светли празници ги помина таму.

Трогнат од исполнетоста на манастирот, Епископ Партениј, Игумен Бигорски се потсети на не толку далечни времиња, колку македонските цркви биле полни за овие празници.

„Ние не го наследивме овој сјај што сега го гледате во Манастиров. И не ми се важни ѕидините и инвентарот во Манастирот, туку овој сјај што го гледам во вашите очи, блесокот што го забележувам во вашата желба да бидете со Христа.

Оти, некогаш Манастирот беше празен. И не само овој Манастир, туку и повеќето од храмовите низ нашата држава беа празни. Вчера им раскажував на бадникарите коишто ме изненадија – а мислам и дека браќата веќе го објавија тоа на страницата – дека кога дојдовме во Манастирот, почнавме да смислуваме повеќе начини за тоа како да ги привлечеме младите во верата.

Еден од начините за да ги привлечеме за Божик, беше молитвата за Нова Година според новиот календар. Оти, доколку тогаш објавевме дека ќе имаме бдение за Рождеството Христово, никој не ќе дојдеше. Таква беше, за жал, духовната клима во нашето општество. Сите славеа површно, материјално, не в црква, туку дома, оти „најважно“ за Божик било да се седне на трпеза дома.

Да, се согласувам, потребна е и гозбата, но тоа е последното нешто и е природен крај на празничното славење што следи дури по Божјата трпеза на Светата Евхаристија. Ама во Македонија во тоа време за Божик поважно од сѐ беше да се седне и да се јаде и да се пие. Во контекст на ова, се сеќавам на една анкета, некаде во ’91/’92 година, кога новинари ги прашуваа странските дипломати во државата како го прославуваат Божик во нивните земји.

И сите тие, Англичани, Французи, Германци, Американци што ги имавме тука, одговорија дека наутро прво одат на миса, на богослужба, а потоа на семеен ручек. Кога ќе ги прашаа, пак, нашите, тие велеа: „Божик е празник за семејна средба и ручек“. Ништо повеќе. Ни Бог, ни богослужба. Дури и веднаш ќе ги кажеа рецептите и јадењата што ги јадат за Божик. Значи, толку беше заборавен евхаристискиот живот кај нас, што за Рождество в црква се одеше можеби само за да се запали една свеќа и ништо повеќе.

Да се вратам повторно на бдението за Нова Година. Зошто го правевме тој подвиг? Затоа што на младите луѓе тоа им изгледаше атрактивно. На многумина од нив им беше некако издегустирано и здосадено да слават Нова Година по кафеани, на плоштади, по кафулиња, без никаква смисла и цел. И кога ќе слушнеа дека таму некаде во манастир се славела Нова Година на некаков поинаков начин, со некакво си бдение, тоа им се чинеше интересно.

Некои доаѓаа дури и од чисто љубопитство и некако со подбив: „Што ли ќе прават сега монасите в манастир за Нова Година? Па ајде да појдеме и да видиме“. И така почнаа да доаѓаат, па ќе се сретнеа со монасите, ќе се запознаеја и полека-полека, сѐ повеќе и повеќе млади влегуваа во верата. Кога преку Манастирот беа воведени во верата доволен број луѓе, и за тука, а и за храмовите насекаде, почнавме да правиме бдение за Божик.

Следно, знаете што следуваше: обновување на православни народни традиции, како што е пеењето каланди, возвестувањето на Раѓањето Христово со спилеон – обичај што беше запазен во Битола и сл. Се сеќавам, кога бевме мали не знаевме што значи зборот спилеон и бабите ни кажуваа дека тоа е стар збор за пештера. Всушност, спилеон е старогрчки збор и самото тоа укажува на древноста на таа традиција. Следствено, не е точно тоа што некои сега велат дека традицијата со Бадниковите пештери била некаков си новитет, сега измислен.

Нови се, можеби, само материјалите од кои се направени пештерите, но бадниковите поворки со божикна пештера се многу древни и повозрасните луѓе од Битола добро ги паметат. Кога јас бев дете, пештерите се правеа од летвички, од кора на дрво, со мов, со слама. Мојот стрико, Бог да го прости, на нашата бадникарска група ни имаше направено најубав спилеон и кога одевме од куќа на куќа, сите се восхитуваа колку е убав и обилно го даруваа со овошје и со парички. Се разбира, внатре во пештерата секогаш имаше икона на Рождеството Христово.

Така, значи, бидејќи растев и живеев со тие стари традиции во Битола, кога дојдов в Манастир решивме да се потрудиме некако за тие да се обноват и да се прошират. За сите дечиња да се радуваат и да ја објавуваат насекаде радоста за родениот Христос. Оти, сметам дека децата се како пастирите во Витлеем. Само ним им се јавиле Ангелите и им возвестиле: Ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ (Лука 2, 10-11). Не му кажале ни на цар Ирод, ни на првенците во градот Витлеем, ниту, пак, на тие во Ерусалим, туку им соопштиле на смирените, едноставни и незлобливи пастири, коишто биле достојни да ги видат Ангелите, да имаат небесна посета.

Пастирите отишле, Му се поклониле на новородениот Богомладенец и се исполниле со небесна радост и слава. Видовте, годинава имаше илјадници деца ширум Македонија и во странство, кои како Ангелите од Витлеем ни објавија: „Вечниот Бог слезе и во Дева се всели“. Сите да знаат дека Христос се роди во времето, во историјата. Оној Кој е предвечен и беспочетен заедно со Отецот и со Светиот Дух, избра да се смири заради нас и да влезе во времето; да вкуси страдание, болка и смрт.

За да ни докаже дека безмерно нѐ љуби. И дека сака да другарува со нас, да бидеме дел од Неговата заедница. Чудесен е нашиот Бог, мили мои! Нашиот Бог е Троица. Свети Василиј Велики вели дека Бог е заедница. Монотеистичките религии ни замеруваат и велат дека веруваме во три богови. Но не можат да ја разберат тајната и величието на Бог – дека Он е љубов. А за да има љубов неопходна е заедница. Свети Јован Богослов не вели „Бог има љубов“, туку „Бог е љубов“. Оти, Он суштествува како една Заедница. Три Личности, една Суштина; три Лица, еден Бог. Чудесно! Може ли некој тоа лесно да го разбере? Во никој случај. Ниеден човечки ум не може тоа да го разбере, како што не можеме да го сфатиме ни бескрајот на космосот.

Гледате, научниците стигнаа толку далеку, испитуваат, истражуваат, пресметуваат, но никако не можат да го разберат бескрајот на космосот, ниту неговиот почеток. Зар ќе разбереме ние каков е Бог?! Како тоа Он е Еден, а во три Лица? Тоа е недостижно за човечкиот разум и само на смирените по дух Бог им ја открива таа Своја најголема тајна. Важно е да знаеме дека Бог е љубов, бидејќи функционира во совршена заедница. И Он низ историјата во континуитет им се откриваше на смирените срца и не го остави човекот сосема да загине. Накрај стана еден од нас, милиот ни Христос Бог, чиешто Раѓање вечерва го славиме.

Од сѐ срце им благодарам на децата од средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“, коишто ни ја разубавија оваа Бадникова вечер. Да ви кажам искрено, со најголема љубов ги гледав видеата со флеш-мобот што го направивте во моловите и верувајте – плачев. Тие песни што ги пеете се исконски, создадени од предците на големата православна империја, Источното Римско Царство, во чиј цивилизациски комонвелт припаѓаме сите ние. Имаме песни од Смирна, од Кападокија, ја имаме и Вечниот Бог, за којашто можеме да речеме дека е општа ромејска, па дури и се пее во повеќе земји, меѓу кои и Романија; потоа имаме и неколку што биле запишани од нашите преродбеници, Браќата Миладиновци и Марко Цепенков и други.

Сите ние, значи, сме дел од таа широка и богата православна традиција, припаѓаме на истата цивилизациска лулка. И еве, Господ нѐ удостои, сите заедно, со нашите сплотени трудови да обновиме дел од тоа свето предание. И ќе ви го кажам уште ова: да знаете дека многу силен и убав впечаток им оставате на луѓето со тоа што го правите вие, заедно со сите ентузијасти од Бадниковите поворки ширум Македонија. Вчера еден наш млад човек којшто работи во Италија ми напиша порака: „Владико, ние најубаво знаеме да Го славиме Бога. Не видов во другите земји нешто слично на она што го правиме кај нас“. И не кријам: оваа порака ме израдува многу, оти некогаш не беше така.

Да Го пресретнеме Христа и да Го затвориме во своето срце до крајот на животот. Така ќе бидеме најбогатите луѓе, бидејќи Он е најголемото богатство што можеме да го примиме, не е само за овој свет, туку и за во идниот. Да сте ми благословени и убав Божик,“ рече меѓудругото во своето обраќање Епископ Партениј.

фото: bigorski.org.mk

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Антикорупциска отвара постапка за Мерко, за набавката на четири возила во Општина Струга

Редакција

„Жикол“ го доби милионскиот тендер на Министерството за транспорт за изградба на водоводи во повеќе населени места

Редакција

Директорот на Гранит, Зоран Милковски повторно купи акции на компанијата

Редакција