Хируршките сали на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, кои не работат девет дена поради ширење на непријатен мирис, ќе останат затворени, а ќе се оперираат само итни случаеви, рече денеска на прес-конференција министерот за здравство, Илир Демири.
Другите пациенти на кои им е потребна хируршка интервенција ќе се препраќаат во Градската општа болница „Св. Климент Охридски“ и во „8 Септември“ во Скопје.
Салите ќе се снабдуваат со кислород и компримиран воздух преку надворешни компресори кои се инсталирани по појавувањето на миризбата од централниот систем..
Министерот рече дека нема објаснување од каде доаѓа истата.
Испитувањата на двете фирми не констатирале никаков недостиг во квалитетот на гасовите, освен зголемена влага и препорачале на двапати да се менуваат филтрите на компресорската станица.
Сепак, како што рече тој, наодите на фирмите се само за интерна употреба и тие не можат да се користат како референтен доказ дека сè е во ред со квалитетот на кислородот и компримираниот воздух од централниот систем за хируршките сали.
Тој информираше дека фирма во Германија до која веќе се испратени мостри ќе го анализира квалитетот на кислородот и компримираниот воздух од централниот систем.
Поради тоа, тој побарал и од Обвинителството да спроведе истрага за случајот.
„Бидејќи е необјасниво, побарав од Обвинителството да спроведе истрага и да се види што е реалната причина за проблемот. Додека не заврши испитувањето и додека не дојдат резултатите од анализите од Германија, Клинички центар ќе се служи со надворешни компресори“, рече Демири.