еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ ТОП СТОРИИ

Утре во МСУ-Скопје почнува фестивал на перформансот

Од 3 до 6. октомври во Музејот на современата уметност – Скопје ќе се случува четиридневен Фестивал на перформансот. Влезот е слободен.

„МСУ – Скопје фестивал на перформансот 2024“ е составен од две програми.

Главната програма е тридневен настан насловен „(Пост)југословенски наследства и тела: перформанс, критика и утопија” куриран од Биљана Тануровска – Ќулавковски и Славчо Димитров и се состои од проекции, предавања и перформанси.

Додатна програма е програмата на партнерите, која произлегува од резиденциите, педагошките и истражувачките активности во партнерство со фондацијата „Арт Експлора“ (Франција/Албанија) и нејзината резиденцијална програма Вила 31 во Тирана, како и соработка со алумни од Националната школа за уметност во Париз-Сержи (ENSAPC) и уметници соработници на Иницијативата за усна историја во Приштина (OHI).

Општата идеја на фестивалот е да се измислат различни начини на делување, кои ќе се занимаваат со пренесување на уметничкото наследство во проширениот контекст на историјата на модерноста, и засилување на рецепцијата на идеите и гестовите во релација со постојано еволуирачките чинови и форми, кои се во потрага по еманципација.

Фестивалот е второто поглавје од европската програма Култура.ЕУБалкан (2022-2024), чија цел е да се поттикне размена на уметници, истражувачи и културни чинители, меѓу Западниот Балкан и Европската Унија и да се промовира ширењето на нивните практики и нивните истражувања.

Претставата на NAM Choreolab е претставена во соработка со ППФестивал на Локомотива и проектот Движење на неврзаните, поддржан од Креативна Европа/ Програма за европска соработка со Западен Балкан и Министерство за култура на Република Северна Македонија.

МСУ – Скопје фестивал на перформансот е настан кој се организира на годишно ниво, овозможувајќи експериментирање и споделување на уметничката пракса на резидентите и уметниците од регионот, ЕУ и меѓународните сцени.

Преку партнерства со културни институции, како и организации, здруженија, школи, универзитети и истражувачки центри, фестивалот ќе се вклучи во пошироки соработки со можност за проширување на други јавни и отворени простори.

На 3. октомври фестивалот ќе биде отворен со партнерската програма. Во 18:30 часот предвидена е презентација на партнерите од иницијативата Култура. ЕУБалкан и дискусија со Јета Реџа, директор на Иницијативата за орална историја – OHI, Приштина; Жозефин Дофин, одговорна за резиденцијалните програми на „Арт Експлора“, Париз/Тирана; Камил Кингуе, раководителка за меѓународни прашања и кариерен развој на Националната школа за уметност во Париз-Сержи (ENSAPC), Париз. Модераторка ќе биде Ивана Васева, кураторка во МСУ.

Потоа следува Хакерски водич кон шумата: музејско издание, перформанс од Колектив Tree (Елизабет Баном, Кетрин Маршал, Мартијн ван Елферен), алумни на Националната школа за уметност во Париз-Сержи (ENSAPC).

Од 21 часот ќе бидат прикажани куси видеа: Транс’нистрија и Абхазија отпосле од Ванѓуш Велаху, Трнарче и Како се раѓаат ѕвездите? од Олсон Ламај и Кучките за нивниот дин од Ана Еренштајн, гости на Вила 31, резиденцијална програма во Тирана која ја води фондацијата „Арт Експлора“ (Франција/Албанија).

Од 4 до 6. октомври ќе се случува главната програма: (Пост)југословенски наследства и тела: перформанс, критика и утопија. Куратори на тродневните настани се Биљана Тануровска – Ќулавковски и Славчо Димитров.

На 4. октомври од 18:30 предвиден е перформанс на Христина Иваноска/Документ што недостасува: За методологијата (текст, глас, и тело) (2014). Потоа предавање на Јована Караулиќ/Изведување на државата: Културолошки перформанси на југославизмот.

Во 20:45 часот, проекција на филм од Марта Попивода „Југославија, како идеологијата го придвижуваше нашето колективно тело“ (2013)/ Србија, Франција, Германија. За крај на фестивалската вечер – видео инсталација на Попивода, во соработка со Ана Вујановиќ/ Површини кои значат: Денот на младоста 1988 (2022).

На 5. октомври од 19 часот, перформанси на Клелија Живковиќ/ Кој те научи да се чувствуваш добро? (2024); на Милица Ракиќ и Владимир Бјеличиќ/ Истражна постапка: Досието на една Југословенка (2024) и на Оља Грубиќ/ ИКЕБАНА (2018).

Од 20.30 часот предвидено е перформативно предавање на Дражен Драгојевиќ/ Како што се партизаните со не.

На последната фестивалска вечер на 6 октомври во 18 часот закажано е предавање на Јасмина Заложник/ Заземање простор. Нови пракси на перформативната уметност во Југославија. И за крај перформанс на НАМ КореоЛаб: Соња Преград, Ана Дубљевиќ, Викторија Илиоска, Дражен Драгојевиќ/ Како што се римува со не, Не не се повторува. Но се римува. (2024).

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Во банки и штедилници ќе може и со пасош и потврда од МВР дека е поднесено барање за лична карта

Редакција

ЕУ го одобри шестиот пакет санкции против Русија

Редакција

„Мапа за планирање на патување“ на „Виз ер“: Како најлесно да ги проверите ковид-правилата за посакуваната дестинација

Редакција