еМагазин
Image default
Спорт ТОП СТОРИИ

Високите амбиции го враќаат шаховскиот клуб Алкалоид повторно во борба за европскиот клупски трон

Нашиот најуспешен шаховски клуб и еден од најуспешните спортски клубови во историјата на македонскиот спорт е подготвен да ги одмери силите на овогодинешниот Европски клупски куп со други ривали за нова европска шампионска титула, информираат од шаховскиот клуб Алкалоид.

-Во клупската историја со гордост остануваат забележани исклучително успешните настапи на Европскиот клупски куп – во 2016 година ШК Алкалоид ја понесе титулата Eвропски шампион и тоа токму во годината кога клубот одбележа 40 години од своето формирање!

Се продолжи со успешен настап и во 2017 година, кога Алкалоид го освои второто место. Интересно е да се истакне дека клупската стратегија и план од 2015 беше во следни пет настапи екипата да освои барем еден каков било медал – фармацевтите со своите извонредни настапи далеку ги надминаа сите очекувања: 2015 – делба на 5 место, 2016 – 1 место, 2017 – делба на 2 место, 2018 – делба на 3 место, 2019 – делба на 4 место!, велат од таму.

Потоа следуваше само еден настап во 2021 година, проследено во меѓувреме со реструктуирање на интернационалниот состав на тимот. Во 2023 година македонскиот состав играше на Светското екипно првенство за шахисти над 50 години, каде оствари уште еден успех со освоеното петто место во конкуренција на 22 екипи.

-Откако оваа година беше завршена „домашната задача“ со освоената на државното екипно првенство последователна 12. шампионска титула (по 26. пат во последни 32 години), фокусот на клубот е свртен кон меѓународните настапи, посочуваат од таму.

Во новиот состав на Алкалоид засилувањата повторно доаѓаат од Далечниот Исток: индиските велемајстори Арјун Еригаиси, Аравинд Читамбарам Веераппан, Нараианан С.Л., кинеските велемајстори Ји Веи, заедно со нашиот добро познат (член на екипата од 2015 година) велемајстор Јангјуи Ју, српските велемајстори Александар Инѓиќ и Велимир Ивиќ (кои настапуваа за екипата на државно првенство) и нашиот домашен многукратен шампион интернационалниот мајстор Филип Панчевски.

-И во досегашните настапи Алкалоид се покажа извонредно во аналитика и селекција на екипата и посебно во високо професионалната организација на клубот, а посебно со фанатичната страст за градење на успешни екипи – што впрочем е пресликување на корпоративната матрица и начин на размислување од спонзорот Алкалоид АД – Скопје.

За жал во овогодинешната екипа на фармацевтите нема повторно да го видиме велемајсторот Динг Лирен (настапуваше за Алкалоид во 2016, 2017 и 2018) кој во април 2023 стана светски шампион! Но аналитиката на клубот насочи, покрај кинеските и кон индиските шахисти кои покажуваат исклучителен раст и квалитет, а нивните млади шахисти се етаблираат и почнуваат да доминираат во светскиот врв, велат од таму.

Интересно е да се спомне дека пет од играчите беа во составот на репрезентациите на своите држави на 45. Шаховска Олимпијада што заврши минатиот месец во Будимпешта, каде со своите одлични настапи и резултати уште повеќе ги зголемуваат клупските очекувања.

Редоследот на играчите е според моменталниот рејтинг, а конкретниот распоред по табли официјално се објавува на самиот почеток од турнирот. Капитен на екипата е велемајсторот Влатко Богдановски, повеќекратен државен шампион и долгогодишен член на државната репрезентација.

Од 84 пријавени екипи, ШК Алкалоид се наоѓа иницијално (според просечен рејтинг на екипата) на второто место. Овој турнир, кој често го нарекуваат и шаховска „лига на шампионите“ годинава ќе се одржи во периодот од 20 до 26. октомври во Врњачка Бања, Србија.

-Фактот дека најголемиот успех и европската шампионска титула е освоена исто така кога нашиот северен сосед беше домаќин на првенството, за екипата претставува потстрек со уште поголем мотив да се нападне европскиот трон.

Високите амбиции се дел од корпоративната култура на „фармацевтите“ и стремежот кон врвот природно се наметнува како објективна цел. Играчите се подготвени да го дадат својот максимум во текот на претстојните седум „рунди“, но конкуренцијата е огромна, а во спортот (и посебно во шахот) каде само едно коло и една партија и само еден потег може да одлучи дали екипата ќе заврши „со штитот или на него“, поради што никогаш не треба да се исклучи и факторот „спортска среќа“, велат од таму.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Османи честиташе Нова година со семејна фотографија

Редакција

Штипските советници од ВМРО-ДПМНЕ најавија потпишување свечени изјави со Северна Македонија

Редакција

(Фото) Двајца осудени за „Монструм“, Сеат Кочан и повратник од ИСИС на слобода со Законот за амнестија на министерот Лога

Редакција