еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Колку е голема веројатноста луѓето да се заразат со птичји грип, еве што велат докторите

Скопската зоолошка градина е затворена, поради присуство на птичји грип. На социјалните мрежи се крена паника поради апелите, луѓето кои биле во Зоолошка работа да се испитаат за вирусот. Но што велат докторите, колкава е веројатноста луѓето да се заразат со оваа вирусна инфекција

Доктор Ненад Лазаров вели дека нема потреба од паника, само треба да се делува стручно и организирано.

„Птичјиот грип, предизвикан од H5N1, е вирусна инфекција која главно се пренесува од птици на луѓе. Главниот ризик за инфекција произлегува од контакт со болни или мртви птици, како и од површини контаминирани со нивните измет или плунка.

Леталноста кај човечките случаи е висока, со стапка над 50%, а во некои случаи достигнува и до 90%.Иако преносот од човек на човек е многу редок, постои загриженост за потенцијалната способност на вирусот да се адаптира и да се шири помеѓу луѓето.

Симптомите кај луѓето можат да варираат од благи до тешки, најчести симптоми вклучуваат:кашлање, треска, замор, главоболка и болки во мускулите или телото, ринореја, отежнато дишење…Неретко и конјунктивитис (воспаление на очите) како симптом.Инкубацијата на вирусот обично трае од 18 до 72 часа,“ пишува Лазаров.

Епидемиологот Драган Даниловски исто така упатува апел луѓето да останат спокојни, бидејќи под ризик да се заразат се исклучиво птиците.

„Нема овде многу работа за Институтот за јавно здравје, ниту за Центарот за јавно здравје, освен здравствен надзор над граѓаните што ја посетиле Зоолошката градина и вработените. Сепак, за нивно заразување ризиците се минимални.

Како може човек да се зарази? Само ако дојде во контакт со секрети и екскрети, крв и месо на заразена птица, ако допре површина контаминирана со вирусот, а потоа ги допре очите, носот или устата. Вирусот може да биде вдишан и преку капки или прашина во воздухот. Од ова е јасно дека под ризик се само луѓе кои професионално работат со живина.

Не постои ризик од заразување од месо и јајца од заразена живина ако тие добро термички се обработат (сварат, испржат, испечат). Секако, треба добро да се измијат рацете по манипулација со свежо месо.

Преносот од човек на човек е многу редок. Досега не е докажан случај на пренос на овој високопатоген сој од живина на луѓе, иако повеќе години циркулира меѓу птиците во земјите од ЕУ.

Периодот на инкубација се движи просечно од 2 до 5 дена, па и до 17 дена. Знаците и симптомите на птичјиот грип кај луѓе може да вклучуваат висока температура, кашлица, воспалено грло, болки во мускулите, пневмонија, отежнато дишење, акутен респираторен дистрес, респираторна инсуфициенција, гадење, абдоминална болка, дијареа, повраќање и понекогаш невролошки промени (изменет ментален статус, епилептични напади).

Стапката на смртност од инфекција со A(H5N1) кај луѓето е релативно висока, проценета на околу 50%, што го прави еден од најсмртоносните познати видови на грип. Оттаму, навремениот медицински третман, вклучително и антивирусни лекови (oseltamivir (Tamiflu), baloxavir (Xofluza) и zanamivir (Relenza) е клучен.

Наспроти сѐ, место за страв не треба да има, зашто, ризиците за заразување навистина се занемарливо мали,“ пишува Даниловски на Фејсбук.

Фото/Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Алкараз го освои Вимблдон победувајќи го Ѓоковиќ

Редакција

Синдикалната минимална кошница за јануари, речиси 1.000 евра

Редакција

Потребна е помош за лекување во САД: Мартин боледува од редок и агресивен тип на тумор што ја уништува коската на првиот пршлен

Редакција