Во насока на заедничка заложба за поттикнување иновации, одржливост и декарбонизација, Титан Усје и Градежниот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј (УКИМ) денес официјално го потпишаа Меморандумот за соработка за реализација на проектот „Знаење + CO₂ -“ – со знаење и иновативност до помалку CO2,
Целта на проектот е преку едукација, истражувања и подигнување на свеста да придонесе кон намалување на јаглеродниот отпечаток и креирање на долгорочна одржливост, информираат од таму.
Активностите на проектот ќе се одвиваат преку три главни модули: Едукативен модул – организирање курсеви, практикантски програми, теренски посети и подкасти; Модул за истражување и развој – мултидисциплинарни истражувања и отворање на паметна лабораторија и Модул за подигнување на свеста – младински натпревари, годишна изложба и други активности.
„Овој проект е уште еден од низата иницијативи коишто ги спроведуваме во полето на декарбонизација како наша стратешка определба во Титан Усје, базирана на користење напредни технологии, дигитализација и вклучување на вештачката интелигенција во процесите на работа.
Партнерството со Градежниот факултет е стратешки чекор во размена на знаење и ресурси кои ќе придонесат кон поттикнување револуционерни решенија за иднина со низок јаглероден отпечаток. Посветеноста на Групацијата Титан за декарбонизација опфаќа повеќе пазари, намалувајќи го влијанието врз животната средина и промоција на одржливи практики во индустријата.
Преку иницијативата „Знаење + CO₂ -“, имаме за цел да го прошириме нашиот дофат на корпоративно делување преку споделување на искуства, промовирање на соработки за истражување и едукација на младите кадри и вклучување на истите во научно-истражувачки проекти.
Уверени сме дека оваа соработка ќе поттикне и научни иновации и практични решенија за поодржлива иднина, во која токму младите ќе бидат носители. Заедно можеме да создадеме трајни позитивни промени”, истакна Константинос Николаоу, главен извршен директор на Титан Усје.
Во активностите на овој проект ќе можат да се вклучат студентите на техничките факултети и млади истражувачи кои се заинтересирани за овие области, како и претставници од други институции.
„Во време на динамични промени, како резултат на брзиот напредок на технологијата, од клучно значење е создавањето проекти кои на соодветен начин ќе овозможат пренесување на најновите научни сознанија и напредни практики.
Оваа соработка е важна и затоа што ќе придонесе за нивно унапредување и ќе поттикне нови истражувања и проекти во кои ќе се вклучат младите. Чест и задоволство ни е што соработуваме со компанија која ја предводи индустријата во имплементација на одржливи практики.
Ова партнерство ќе ги инспирира и едуцира нашите студенти за предизвиците и можностите на транзицијата кон зелена економија“, истакна деканот на Градежниот факултет при УКИМ, проф. д-р Горан Марковски.
Титан Усје е пионер во примена на принципите на кружната економија, а како резултат на тоа, компанијата во 2023 година ги редуцираше емисиите на CO₂ за 2.600 тони, што е еквивалент на отстранување на 560 автомобили од употреба. Покрај тоа, компанијата инсталираше и фотоволтаична централа од 3 MWp заштедувајќи приближно 3.200 тони CO₂ годишно, посочуваат од таму.
Во последните пет години, компанијата инвестираше повеќе од 6 милиони евра во дигитализација, решенија базирани на вештачка интелигенција, иновативни технологии и одржливи практики, вклучувајќи и еколошки типови цемент и обновливи извори на енергија, како што се соларната енергија и алтернативните горива. Инвестициите во овие области ќе продолжат и планирано е во следните три години да се инвестираат дополнителни 20 милиони евра, велат од таму.