Инфлацијата се движи во рамките на очекувањата, велат од Народна банка по редовната седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика.
„Годишната стапка на инфлација во декември 2024 година изнесува 4,4% и очекувано се задржа на слично ниво како во ноември, под влијание на споредбената основа во истиот период претходната година, заради мерките преземени тогаш за привремено ограничување на растот на цените.
Годишната динамика на цените на храната и на базичната инфлација и натаму е стабилна, додека падот кај цените на енергијата умерено забавува. Притоа, остварената просечна стапка на инфлација во 2024 година изнесува 3,5% и е на исто ниво со проектираната стапка, според октомврискиот циклус проекции.
Во јануарските анкети на Европската комисија за очекувањата на потрошувачите преовладуваат очекувања за намалување на цените во следниот период.
Во однос на очекувањата за берзанските цени на примарните производи, според најновите прогнози за 2025 година, направена е нагорна ревизија кај цената на нафтата, а надолна кај основните прехранбени производи. Иако инфлациските движења се во согласност со очекувањата, ризиците постојат и потребно е внимателно следење,“ велат од Народна банка.
Во однос на економскиот раст, расположливите високофреквентни податоци за периодот октомври – ноември упатуваат на натамошен раст во последниот квартал на 2024 година, посочуваат од таму.
„Имено, градежништвото и прометот во угостителството бележат забрзан реален раст, а движењата во индустријата во четвртиот квартал се слични, што е во прилог на очекувањата за мало забрзување на економскиот раст во последниот квартал на 2024 година, за разлика од трговијата каде што реалниот раст е поумерен.
Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот и динамиката на остварувањето на домашните инфраструктурни проекти,“ се додава во соопштението.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Каматната стапка на благајничките записи намалена на 5,35%
Фото: Unsplash