Денес се одржа конференција на тема: “Дигитална трансформација на јавните водоснабдителни услуги” на која се одбележаа достигнувањата во дигитализацијата на овие услуги.
На настанот присуствуваа претставници од Владата, меѓународни партнери и експерти од индустријата кои ги презентираа придобивките и начините на кои дигиталните технологии ја менуваат водоснабдителната индустрија во Македонија. како што се:транспарентноста, контролата на потрошувачката на вода и намалувањето на трошоците.
Конференцијата е во организација на Асоцијацијата на даватели на комунални услуги во Македонија (АДКОМ) како дел од тригодишен проект, финансиски поддржан од Германската Влада и Македонски Телеком, а имплементиран во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), АДКОМ и Македонски Телеком.
На настанот беа претставени постигнувањата во дигитализацијата на водоснабдителните услуги во рамки на проектот, кои се во корист на граѓаните и комуналните претпријатија и се дел од пошироката цел на земјата да стане целосно интегрирано е-општество.
“Управувањето со водите е егзистенцијално прашање, особено имајќи ги предвид предвидувањата за климатските промени на Западен Балкан. Германија го препознава потенцијалот на технологијата во решавањето на овој предизвик, и нашата соработка со Македонски Телеком, во рамките на програмата за јавно приватно партнерство DeveloPPP, има токму за цел да ги унапреди дигиталните решенија за ефикасно водоснабдување во Северна Македонија.
Овој проект ја покажува нашата посветеност за поддршка на одржливи практики за управување со водите во регионот преку иновативни технологии“, рече Јан Аксел Фос, заменик амбасадор на Сојузна Република Германија.
„Дигитализацијата е клучна за модерно функционирање на јавните комунални претпријатија, а со тоа и подобри услови за граѓаните. АДКОМ останува посветен на унапредување на водниот сектор на национално ниво, и особено сме горди што, покрај другите активности, со овој проект изработивме петгодишна стратегија за дигитална трансформација на ЈПК. Патувањето низ дигиталната трансформација е сложено и бара координирани напори на повеќе сектори и дисциплини“, изјави Раско Чочков, претседател на АДКОМ
Се презентираа иновативни решенија и успешни приказни од тековните проекти за дигитална трансформација. Еден од најголемите резултати е инсталирањето на 1.000 паметни водомери во четири пилот општини – Крушево, Дојран, Радовиш и Кавадарци.
Овие водомери собираат податоци во реално време за потрошувачката на вода, кои потоа се испраќаат на централна дигитална платформа достапна за јавните комунални услуги, овозможувајќи поефикасно управување со водата и побрзо реагирање на инциденти како што се протекувања.
Исто така, направени се студии за водоснабдителните мрежи кои вклучуваат ГИС регистар на основните средства и хидраулички модели на мрежата во Радовиш, Дојран и Крушево.
„Ние ја гледаме нашата улога во општеството не само како давател на услуги, туку како еднаков партнер за развој и дигитална трансформација. Посветени сме на креирање на иновативни решенија за паметен град и на заедничко делување за да направиме вистинска разлика во квалитетот наживот на граѓаните и заштедата на природни ресурси. Паметните водомери се чекор напред и пример кој може да се аплицира во многу повеќе сфери од јавните услуги“, изјави Марјан Богатиновски, главен комерцијален директор за деловни корисници од Македонски Телеком.
Конференцијата означи важен чекор во процесот на Македонија кон поголема дигитализација на јавните услуги, со потенцијал за проширување на овие иновации на други сектори во иднина.