Министерството за внатрешни работи (МВР) спровело засилена контрола на сообраќајот, при што за само еден ден биле санкционирани 622 прекршоци, информираа пд таму.
Најмногу казни се изречени за возење со неприлагодена брзина (111), минување на црвено светло (31), како и користење мобилен телефон при возење (41).
Како што информираа од МВР, полицијата открила и 58 возачи без возачка дозвола, а санкционирани биле и 30 лица кои не носеле сигурносен појас. Меѓу казнетите има и 12 мотоциклисти кои биле затекнати без заштитна кацига.
„Во рамки на контролата, во пет случаи беше утврдено дека возачите управувале возило под дејство на алкохол, а дополнително беа казнети 14 пешаци за различни прекршоци. Исто така, од сообраќај беа исклучени пет технички неисправни возила, а 15 нерегистрирани автомобили беа отстранети“, се вели во соопштението.
Оттаму апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните прописи, особено во пресрет на викендот и прославите за 8. Март, со цел да се намали бројот на несреќи и да се зачува безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Фото: МВР