еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ ТОП СТОРИИ

Студентите на Правен факултет, го промовираа возобновеното стручно списание

После повеќе од 15 години, беше промовиран првиот број на стручното списание „Iustinianus Primus Student Law Review – IPSLR“ на студентите на истоимениот правен факултет.

Возобновувањето на студентското списание е дело на Уредувачкиот одбор на IPSLR, составен од професори и студенти, по иницијатива на Факултетското студентско собрание (ФСС-ПФ), со поддршката на Деканатот на факултетот.

Деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, проф. д-р Сашо Георгиевски истакна дека  се благородни настаните организирани „од студентите за студентите“ и дека факултетот секогаш ќе ги поддржува иницијативите кои придонесуваат за напредокот на студентите.

Главниот уредник на списанието, проф. д-р Александар Љ. Спасов, се осврна кон делот на подготовката на списанието, задоволството при неговата изработка и идните планови на уредувачкиот одбор.

Во таа насока, тој истакна дека веќе е објавен и повикот за вториот број на списанието IPSLR на тема: „Владеењето на правото и стабилноста на правниот систем – science fiction?“ чиј рок на доставување трудови е 30 септември оваа година и истиот повик може да биде пронајден на веб страницата на факултетот.

Голем подвиг за студентската наука и мисла, истакна претседателот на студентското собрание на Правниот факултет, Данило Крстовски. Тој објасни дека стручното списание го гледа како можност преку која студентите ќе се стекнат со вештини за академско пишување, но и одговорност и повик кон сите студенти, да се осврнат и посветат време кон истражувачка работа, развивајќи ја својата критичка мисла.

„Во времиња на заземање на просторот на пишување од вештачката интелигенција, Iustinianus Primus Student Law Review се враќа после повеќе од една деценија неактивност и треба да служи како потпора за усовршување на вештините на академско пишување кај нашите студенти и платформа за изразување на ставовите на студентите на стручни теми од програмите на кои студираат,“ порачаа од Уредувачкиот одбор на студентското списание.

Во преполната читалната на Правниот факултет, промоцијата беше проследена од професори и студенти, како и останатите членови на Уредувачкиот одбор и тоа: доц. д-р Теа Лалевска, асс. д-р Константин Битраков, асс. м-р Теа Мицевска, асс. м-р Катерина Жатева (од редот на професорскиот и соработничкиот кадар), како и Јана Матевска, Бојана Панковска и Неделко Неделковски (од редот на студентите).

Студентското стручно списание – IPSLR има за цел да овозможи простор студентите да адресираат прашања поврзани од студиските програми кои се студираат на факултетот: право, политика, односи со јавност и новинарство. Тоа е пандан на меѓународното научно списание на Правниот факултет “Iustinianus Primus Law Review” и е едно од ретките стручни списанија на студентите во државата.“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Студија: Луѓето кои носат очила имаат помал ризик да се заразат со Ковид-19

Редакција

Поради растечката инфлацијата, Народна банка ја зголеми каматната стапка на благајничките записи

Редакција

Конечна детална листа: Кои се избраните градоначалници во првиот круг на локалните избори

Редакција