Лицето A.A., управител и сопственик на Арман компани од Скопје доби кривична пријава од Управата за финансиска полиција поради сомневање за сторено кривично дело даночно затајување.
„Пријавениот А.А. во својство на управител и сопственик на друштвото за производство, трговија и услуги „Арман компани“ ДООЕЛ Скопје, во периодот од 1 јануари 2020 година до 25. декември 2024 година, свесно и со однапред утврдена намера со цел да се стекне со противправна имотна корист за себе и за правниот субјект, набавената трговска стока (јаткасти производи), евидентирана на залиха во вредност од 53.257.786 денари, неосновано ја присвоил и не ја евидентирал во сметководствената евиденција како кусок.
Пријавениот не пресметал, не пријавил и не уплатил данок на додадена вредност по даночна стапка од 5% во износ од 2.662.889 денари и данок на добивка по даночна стапка од 10% во износ од 5.325.778 денари, а за застарените обврски кон добавувачи постари од три години во износ од 40.903.524 денари (краткорочни), а кои потекнуваат од 2020 година и не се прикажани како приходи во Билансот на успех и Даночниот биланс на правниот субјект за 2023 година, пријавениот не пресметал, не пријавил и не уплатил данок на добивка по даночна стапка од 10% во износ од 4.090.352 денари“, велат од Финансиската полиција.
Со намера да ги прикрие инкриминираните активности, се додава во соопштението, пријавениот не изготвил и не поднел завршни сметки за 2021 година, 2022 година и 2023 година, до Управата за јавни приходи и до Централниот регистар на Македонија со што не пресметал, не пријавил и не уплатил даноци по разни основи во вкупен износ од 12.079.019 денари, за кој износ го оштетил Буџетот на Македонија.