Секторот за контрола и истраги при Царинската управа лиши од слобода три лица, меѓу кои и сопственичка на салон за убавина, осомничени за криумчарење медицински препарати штетни по здравјето на граѓаните, информираа од таму.
Случајот бил откриен на Граничниот премин Табановце, каде при детална контрола на комбе биле пронајдени 535 вијали со средство за слабеење и 7.400 етикети со ознаки „TIRZ 2.5 мг“ и „TIRZ 5 мг“, сокриени во постелнина.


По откривањето, возилото било ставено под контролиран надзор од мобилен царински тим и го продолжило движењето до договорената локација за преземање на пратката. Во моментот на исплата, инспекторите ја лишиле од слобода сопственичката на салонот.
По наредба на јавен обвинител бил извршен претрес во салонот за убавина, при што биле пронајдени дополнителни криумчарени медицински препарати, меѓу кои дермални филери, средства за нивно разградување, препарати за редуцирање маснотии, контурирање на лице, отстранување брчки и подмладување.
За сите пронајдени производи не постоела документација за нивната безбедност, исправност и законит увоз. Според истрагата, дел од препаратите биле рекламирани и користени врз клиенти.
Против осомничените е поднесена кривична пријава до надлежното јавно обвинителство за криумчарење и за производство и пуштање во промет штетни средства за лекување.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Што е ботокс, а што филери, и колку се безбедни?
За лажен ботокс и филери уапсени доктори од скопски клиники и дерматолошки ординации
Шестмина во затворски, а четворица во куќен притвор за нелегалниот увоз на ботокс и филери
Фото: Царинската управа













