Важно е да знаеме дека нема да има дополнителни барања за земјата поврзани со историјата, идентитетот и јазикот, кажа Муцунски од Софија

Македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој учествува на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), во Софија, Бугарија, пред почетокот на истиот, меѓу друго порача дека Македонија има не само цел да стигне до фаза на отворање на пристапните преговори со Европската унија (ЕУ), туку и успешно да ги затвори истите.

Но, за да го постигне тоа, како што кажа, важно е Македонија да знае дека нема да има дополнителни барања за земјата поврзани со историјата, идентитетот и јазикот, како и други билатерални прашања кои би се појавиле по отпочнувањето на преговорите – како прашања поврзани со историски комисии кои, како што посочи, не се европски темелни прашања.

Затоа, порача, дека е добро да се разговара и да расчисти со Бугарија што се очекувањата од двете страни бидејќи, како што рече, сепак, има еден силен билатерален елемент во сето ова.

-Тука се најголемите недоразбирања, рече тој, посочувајќи дека како човек е цврсто убеден оти силните идентитети немаат потреба да се градат преку напади на другите идентитети.

-Во Европа од 21. век треба да имаме капацитет да ги славиме нашите различности, да се почитуваме и да не се врзуваме со прашања поврзани со историја, идентитет, јазик, туку да гледаме кон заедничката иднина која нè обединува, рече тој, посочувајќи дека е од заеднички интерес за двете држави Македонија да се движи кон полноправно членство во ЕУ.

Истакна и дека спорот помеѓу Македонија и Бугарија вештачки ги двои народите на двете држави.

-Но, она што е значајно е да имаме поглед кон иднината и да не се врзуваме за прашања од минатото и прашања поврзани со идентитетот, историјата и јазикот, рече тој, подвлекувајќи дека за исполнување на решението од 2022 година е потребна меѓусебна доверба.

-Нашето гледање е дека имаме различно толкување на она што се очекува од нашата земја во однос на одлуката од 2022 година, рече тој, подвлекувајќи и дека Македонија подготвила, како дел од барањата, одличен Акциски план за малцинствата, не само за бугарското, туку за сите малцинства во земјава, а во соработка со експерти делегирани од Советот на Европа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Сиљановска Давкова во Софија цитираше бугарски автор: „Кога вратите на иднината се затвораат, минатото станува единствената татковина“

Две нови блокади од Бугарија: За Акцискиот план за малцинства и за иницијативата “Три мориња“

Фото: МНР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести