Синоќа и официјално започна 17. издание на Меѓународниот фестивал на класична гитара „П.С. Гитар Фест Крушево“.
Концертната програма беше отворена со настап на истакнатиот српски гитарист Милош Вуковиќ во уникатниот амбиент на Спомен-куќата на Тоше Проески. Настанот привлече бројни посетители, љубители на класичната музика и гости кои уживаа во извонредната концертна вечер. Со својата виртуозност, техничка прецизност и музичка чувствителност, Вуковиќ приреди незаборавно доживување за присутните, кои неговиот настап го наградија со силни аплаузи и овации.
Во текот на изминатите седумнаесет години, „П.С. Гитар Фест Крушево“ прерасна во еден од најзначајните фестивали на класична гитара во регионот, препознатлив по високите уметнички стандарди, едукативната компонента и континуираната поддршка на младите музички таленти. Фестивалот претставува простор каде што се среќаваат врвни уметници, млади надежи и публика обединета од љубовта кон музиката.
Програмата продолжува вечерва, 20 јуни, со почеток во 20 часот, кога љубителите на класичната музика ќе имаат можност да уживаат во настапот на романското дуо „Артисимо“, ансамбл препознатлив по својата извонредна музикалност и сценска енергија.
За потсетување, фестивалот ќе биде заокружен на 21 јуни во 12 часот со финалниот концерт на учесниците од школата за гитара, под менторство на Васко Пиличев. Овој концерт ќе претставува вистинска прослава на младоста, талентот и иднината на гитарската уметност, а публиката ќе има ретка можност да ужива во посебни гитарски аранжмани и интерпретации на некои од најголемите хитови на Тоше Проески, изведени од младите учесници на фестивалот. На овој начин, преку звуците на гитарата ќе биде оддадена почит кон музичкото наследство на нашиот незаборавен музички великан.
















