Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 56-годишник подолг временски период психички и физички ја малтретирал сопругата и нивните две деца на возраст од 18 и 15 години. Иако постојано манифестирал агресивно однесување, домашните од страв не го пријавувале, се додека 15-годишната ќерка, не можејќи да ги издржи заканите, навредите и притисокот од таткото, се обидела да си го одземе животот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување повеќе мерки на претпазливост кои вклучуваат: забрана на осомничениот да го напушти живеалиштето, обврска да се јавува во судот, привремено одземање на патната исправа, забрана за приближување или воспоставување контакти или врски со оштетените и забрана за посетување на локациите каде тие се движат.













