Бугарија објави дипломатска нота за престојот на семејството на Мицкоски во Пампорово, премиерот го информирал НАТО

Пред неколку дена на извесна бугарска Фејсбук група „Грубовци, Ениџе Вардар – родна Македонија“ беше објавен дипломатскиот документ од 6. јануари годинава на македонската Амбасада во Бугарија со кој таа го инфомира бугарското Министерство за надворешни работи, дека сопругата на премиерот Христијан Мицкоски и неговиот помал син на 8. јануари ќе патуваат во Пампорово, Бугарија.

Потоа документот, заврши и во медиуми во Македонија и во Бугарија.

Во објавениот документ, кој секако не требало да заврши на Фејсбук или било каде, покрај датумот на патувањето, е наведено и приближното време кога сопругата и неговиот син ќе ја преминат границата меѓу Македонија и Бугарија, детали за нивното обезбедување, имињата на неговите членови, возилата со кои патуваат, комуникациските уреди и вооружувањето што го носат со себе.

За Мицкоски објавувањето на дипломатскиот документ е знак дека односите помеѓу двете земји дополнително ќе се радикализираат.

-Сигналите коишто доаѓаат оттаму не ме прават оптимист, напротив, состојбата се радикализира.

Еве вчера видовме еден преседан во дипломатијата кога излезе дипломатска нота за тридневен престој на мојата сопруга со мојот помал син кај наши паријатели, да речеме, во Пампорово, нешто што е невообичаена пракса во светот на дипломатијата и можеби единствена како таква.

Замислете сега ние да ги вадиме сите дипломатски ноти коишто ги испраќаат од нашиот источен сосед и практично во тие дипломатски ноти пишуваат работи коишто можеби исто така би биле интересни за јавноста.

Така што вчера видов еден преседан, рече тој, посочувајќи дека за тоа ги информирал партнерите во НАТО, бидејќи со објавувањето на дипломатската нота, како што кажа, се загрозува безбедноста на неговото семејство.

Оцени и дека од Бугарија доаѓаат потези кои се аматерски, нејасни, неразуми и не одат во насока на подобрување на односите меѓу двете земји.

-Сепак ние сме земја членка на НАТО… Сите овие индикатори коишто ги гледаме не велат дека одиме кон подобрување, туку напротив, имаат некои аматерски потези коишто за мене се тотално неразумни и нејасни.

Но, како и да е, ние да си останеме фокусирани на тоа што е наша задача, а тоа е да испорачуваме за Реформската агенда, да ги правиме реформите дома, да ја градиме економијата, да раснеме, итн..

Тоа е она што претставува наша задача како влада, тие нека си ја тераат својата работа, ние работата за којашто сме бирани од граѓаните, а тоа е да испорачуваме проекти и да решаваме проблеми“, рече тој.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Ќе влезе ли во извештај на ЕУ и засилената хибридна кампања против Македонија од Бугарија

Портали поврзани со Бугарија водат засилена хибридна кампања против Македонија, вели заменик министерот Димитровски

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести