Кои се новите министри

Познати се дел од имињата на новите министри.

Со реконструкцијата на Владата, владејачката ВМРО-ДПМНЕ, ги доби и ресорите здравство и за социјална политика, демографија и млади.

Како што информираше премиерот и претседател на партијата, Христијан Мицкоски, нов министер за здравство ќе биде Сашо Клековски, актуелниот директор на Фондот за здравствено осигурување.

За нов министер за социјална политика, демографија и млади пак е предложен Ѓоко Велковски, кој е актуелен заменик-министер во овој ресор.

Министер без ресор, задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите, ќе биде исто така кадар на ВМРО-ДПМНЕ – Ерџан Демир.

Иван Стоилковиќ, лидерот на Демократската партија на Србите (која е дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ) е предлогот за нов министер за локална самоуправа. Тој е актуелен вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците.

ЗНАМ добива еден нов министер – Борче Серафимовски, кој ќе биде министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, соопшти лидерот на партијата, Максим Димитриевски. Тој е државен секретар во овој ресор.

Вреди добива нови министри во правда, култура и туризам и за односи меѓу заедниците. Од таму засега ги немаат соопштено имињата на кандидатите.

Во Владата ќе влезе и Демократската партија на Турците, која ќе има министерско место без ресор.

Останатите министри остануваат.

Предлог-составот на Владата со новите министри ќе биде доставен до Собранието до петок оваа недела, по што треба да биде изгласан.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Кои ќе бидат новите министри за правда, култура и односи меѓу заедниците, кои ќе предводат кадри на Вреди

Нема повеќе да има вицепремиер за добро владеење

Владејачкото мнозинство ќе добие уште еден пратеник

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести