До десет компании ќе добијат подршка за да преку Македонската берза привлечат капитал од различни видови инвеститори, вклучително и физичките лица.
Проектот зад кој стојат Македонска берза, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и PwC Северна Македонија, предвидува избраните компании да учествуваат на дводневна лидерска академија наменета за сопствениците и највисокото раководство, каде ќе се обработува процесот на издавање хартии од вредност, очекувањата на инвеститорите, вреднувањето на компаниите, регулаторната усогласеност, корпоративното управување и односите со инвестициската јавност.
Потоа, секоја компанија ќе помине низ детална индивидуална проценка на подготвеноста за евентуално издавање акции или обврзници, а по завршувањето на истата, консултантите ќе изготват детален извештај со конкретни препораки и насоки за понатамошните чекори на компаниите.
Истиот е наменет за компании кои имаат потенцијал за раст, планираат нов инвестициски циклус, размислуваат за генерациска сукцесија преку акционерство и сакаат да добијат независна стручна проценка за нивната подготвеност за иден пристап на пазарот на капитал, а ќе биде имплементиран од PwC Северна Македонија и PwC Хрватска, кои ќе понудат експертска поддршка преку обезбедување индивидуален пристап во проценката на подготвеноста на секоја компанија – учесничка во проектот.
ЕБОР ќе обезбеди грант со којшто ќе покријат 60–70% од трошоците, додека избраните компании ќе учествуваат со кофинансирање од 30–40%.
Крајниот рок за аплицирање на заинтересираните е 1. септември 2026 година.
Компаниите што по завршувањето на овој проект ќе донесат конкретна одлука за издавање акции или обврзници на Македонска берза ќе имаат можност да добијат дополнителна поддршка од ЕБОР, односно начелно е договорен последователен проект за техничка и финансиска помош за оперативната реализација на потенцијалните иницијални јавни понуди.
Сите детали за проектот, ОВДЕ.
Фото: Унсплеш














