По пет месеци откако беше избран на функцијата, уставниот судија Гоце Наумовски, неочекувано, барем за јавноста, си поднесе оставка.
Засега нема образложение од него за причините за одлуката.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Пет месеци по изборот, уставниот судија Гоце Наумовски си поднесе оставка
Неофицијално истата ја поднел поради професионални и лични причини.
Уставен судија стана во февруари годинава, а неговиот избор следеше откако уставната судијка Јадранка Дабовиќ Анастасовска, си поднесе оставка.
Кој е Наумовски
На функцијата дојде како редовен професор на катедрата по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
Тој е исто така бил надворешен советник за право на премиерот Христијан Мицкоски.
Роден во Скопје, каде завршил основно и средно образование во гимназијата „Јосип Броз Тито“, општа насока.
На Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот “Кирил и Методиј“ се запишал во учебната 1995/96 година.
Од февруари 2000 година бил ангажиран како демностратор на предметот римско право на Самостојната катедра за правноисториски науки.
Дипломирал во јуни 2000 година со просечен успех – 9.
За помлад асистент на научната област римско право е избран во февруари 2003 година.
Веднаш по дипломирањето се запишал на академските, научни постдипломски студии по граѓанско право (изборно подрачје: римско право) на Правниот факултет.
Ги положил сите предвидени испити од постдипломските студии со просечен успех – 9,10, а во мај 2004 година го одбранил магистерскиот труд „Влијанието на римскиот societas врз современиот договор за ортаклак (договор за заедница)” и се стекнал со звањето магистер на правни науки од областа на римското право и на граѓанското право.
За асистент по предметот римско право е избран во декември 2004 година.
Во мај 2007 година ја одбранил докторската дисертација на тема: „Договорот за депозит во римското и во современото право” со што се стекнал со научното звање доктор на правни науки.
За доцент на научната област римско право на Правниот факултет е избран во септември 2007 година, за вонреден професор во мај 2012 година, а за редовен професор во јануари 2017 година.
Во септември 2018 година на Универзитетот во Стразбур, Франција, ја одбранил Докторската дисертација „Релации меѓу квалитетот на трговските марки и когнитивните и конативните варијабли на потрошувачите“, со што се стекнал со научно звање „Доктор на правни науки од областа на приватното право-право на интелектуална сопственост“.
Зборува англиски, француски, грчки и албански јазик.
Во рамките на својата наставно-образовна дејност, Наумовски изведува настава (како носител на предметна програма) на предмети од прв, втор и трет циклус студии меѓу кои: римско право, право на информатичка технологија, реторика, правна аргументација, право на трговски марки и географски називи и други предмети.
Автор или коавтор е на околу сто научни и стручни трудови од областа на римското право, како и од правото на интелектуална сопственост, правото на информатичка технологија и други области кои се рецензирани при неговите избори во звања, стои во неговата биографија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Каков имот пријавила судијката Јадранка Дабовиќ Анастасовска, која поднесе оставка
Која е уставната судијка Јадранка Дабовиќ Анастасовска, која поднесе оставка
Фото: Уставен суд














