ТТК Банка АД Скопје во првите шест месеци од годинава остварила нето-оперативен приход пред исправки на вредност во износ од 37,5 милиони денари, како резултат на реализирани оперативни приходи од 279,5 милиони денари и оперативни трошоци од 242 милиони денари, соопшти Банката преку Македонската берза
-Во текот на анализираниот период, издвоени се исправки на вредност на финансиски и на нефинансиски средства во износ од 17,5 милиони денари. Во согласност со наведеното, заклучно со 30.6.2026 година, е остварен позитивен финансиски резултат во износ од 20 милиони денари, велат од таму.
Заклучно со 30.6.2026 година, билансната сума на Банката достигнала ниво од 12.867 милиони денари, што претставува значителен раст од 11,8% во споредба со истиот период лани.
-Планот е остварен со 98,7 %.
Заклучно со 30.6.2026 година, евидентиран е пораст на кредитите и побарувања од други комитенти за 6,4% во однос на 30.6.2025 година. Порастот, главно, е резултат на зголемување на кредитите на секторот домаќинства за 220 милиони денари односно 5,4%, како и на растот на кредитите од секторот стопанство за 120 милиони денари или 8,5%. Планот за овој период е исполнет со 99,4%.
Депозитите на други комитенти изнесуваат 11.014 милиони денари и бележат пораст во однос на 30.6.2025 година од 12,5%, што се должи на зголемувањето на депозитите по видување и на орочените депозити од секторот домаќинства за 15,5%, проследени со раст и на депозитите на секторот стопанство за 101 милион денари, односно 5,5%. Во однос на планот се остварени со 99,1%.
Нето-приходите од камати претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето на Банката. Во периодот од 1.1.2026 до 30.6.2026 година, тие изнесуваат 184,8 милиони денари и бележат пораст од 7,4% во однос на истиот период од претходната година.
Порастот во најголем дел се должи на зголемените каматни приходи од секторите домаќинства и Банки и финансиски институции. Во однос на планот за овој период, нето-приходите од камати се реализирани со 97,4%.
Нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги во тековниот период изнесуваат 86,9 милиони денари и се за 12,1% повисоки во однос на нивото од претходната година. Најголем придонес во нивното остварување имаат провизиите од домашниот платен промет, како и од картичното работење. Во однос на планот за првото полугодие, овие приходи се реализирани со 102,6%.
Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 5,2 милиони денари и бележат намалување во однос на истиот период од претходната година, како резултат на намалениот обем на тргување на девизниот и на менувачкиот пазар. Во однос на планот, тие се остварени со 81%, велат од таму.
Останатите приходи од работењето на Банката изнесуваат 3 милиони денари и се пониски за 20 милиони денари во однос на претходната година.
-Намалувањето се должи на повисоко реализираните приходи од капитална добивка од продажбата на
преземениот имот во првото полугодие од минатата година. Во однос на планот, тие се реализирани со 31,1%.
Вкупните оперативни трошоци во анализираниот период изнесуваат 242,0 милиони денари и се повисоки во однос на истиот период од претходната година, главно поради зголемените административни трошоци, но и зголемените трошоци за плати. Во однос на планот, тие се остварени со 100,4%.
Во наведениот период, исправката на вредност на финансиските средства и на посебната резерва за вонбилансна изложеност, на нето-основа, изнесува 17,4 милиони денари и е во согласност со обемот, структурата и квалитетот на пласманите на Банката, велат од таму.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ














