Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, управуван од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, членка на Групацијата АДП, го забележа најуспешниот месец јули во својата историја, поставувајќи нов рекорд и во бројот на патници и во бројот на реализирани летови, информираат од компанијата.
Во текот на јули, охридскиот аеродром опслужи 52,544 патници, што претставува раст од 41,21% во споредба со истиот месец минатата година. Воедно, беа реализирани 443 летови, односно 34,65% повеќе отколку во јули 2025 година.
Во истиот месец беа поставени уште два значајни рекорди. На 26 јули беше регистриран најфреквентниот ден во историјата на охридскиот аеродром, со опслужени 2988 патници, додека на 20 јули беа реализирани рекордни 22 летoви во текот на еден ден. Позитивниот тренд се потврдува и преку кумулативните резултати.
Во периодот од јануари до јули преку охридскиот аеродром патувале вкупно 175,182 патници, што е за 24,24% повеќе во споредба со истиот период минатата година. Во истиот период биле реализирани 1350 летови, што претставува раст на авионскиот сообраќај од 28.69%.
Силен раст продолжува да бележи и Меѓународниот Аеродром Скопје. Во текот на јули беа опслужени 408,925 патници, што претставува раст од 29.5% во споредба со истиот месец минатата година, додека беа реализирани 2,670 летови, односно 10.3% повеќе отколку во јули 2025 година.
Најфреквентен ден на скопскиот аеродром беше 31 јули, кога беа опслужени 16,347 патници. Најголемиот број на летови во еден ден, вкупно 101 операција беа реализирани на 20 јули.
Во периодот од јануари до јули на Меѓународниот Аеродром Скопје беа опслужени 2,241,935 патници, што претставува раст од 29% во споредба со истиот период минатата година, додека беа реализирани 14,930 летови, односно 7.1% повеќе.
Во првите 7 месеци од годината, скопскиот и охридскиот аеродром заедно опслужија 2,42 милиони патници (2,241,935) и 16,280 летови, што претставува зголемување од 28.4% во растот на патничкиот сообраќај и 8.6% во бројот на операции.
„Континуираниот силен раст што веќе подолг период го бележиме на двата македонски аеродроми не прави исклучително горди. Рекордните резултати на охридскиот аеродром се само уште една потврда дека трудот, јасната визија, посветената работа и долгорочната стратегија на ТАВ Македонија даваат резултати. Новите авиолинии и заедничките активности со Владата за привлекување нови авиокомпании придонесуваат Охрид да стане сѐ подостапна и поатрактивна дестинација за патниците и туристите.
Овие резултати потврдуваат дека инвестициите во развојот на мрежата на линии и унапредувањето на услугите на двата аеродроми создаваат нови можности за развој на туризмот и економијата“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Курт истакна дека и покрај реконструкцијата што се реализира на охридскиот аеродром, неговото работење се одвива без прекини. И покрај обемните градежни активности, редовниот авиосообраќај и патничките услуги функционираат согласно предвидениот распоред.
Успехот на ТАВ Македонија повторно е препознаен од Меѓународниот совет на аеродроми – Европа (ACI Europe). Според најновиот извештај на ACI Europe за првата половина од 2026 година, иако аеродромите низ ЕУ имале зголемување на патничкиот сообраќај од 2,6%, во споредба со првите шест месеци од 2025 година, Северна Македонија е лидер меѓу земјите кои не се членки на ЕУ+ во однос на растот на патничкиот сообраќај, со зголемување од 27,9%, пред Молдавија (+21%), Албанија (+17,2%), Узбекистан (+15,7%), Ерменија (+11%) и Црна Гора (+10,4%).
Покрај ова, ACI Europe го рангираше Меѓународниот Аеродром Скопје меѓу најбрзорастечките средни аеродроми во Европа, со пораст од 28,6%.
ТАВ Македонија и во иднина ќе остане посветена на развојот на двата македонски аеродроми преку проширување на мрежата на авиолинии, унапредување на услугите и создавање нови можности за патниците, туризмот и економскиот развој на државата, велат од таму.














