Според микробиолошките индикатори, водата во Дојранското Езеро е во одлична состојба за капење, информираа денеска од Општина Дојран, од каде објавија резултати од земени мостри од Езерото.
Анализа на водата е направена на три места: “Градската плажа”, плажата “Гранико” и плажата “Полин”, а примероците се земени во втората половина на јули.
Истите ги извршил ЈЗУ “Центар за јавно здравје” од Велес.
-Врз основа на лабораториските наоди, согласно Правилникот за начинот и мерките на управување со водите за капење и Уредбата за класификација на водите, како и за категоризација на водотеците, езерата, акумулациите и подземните води, анализираната мостра на вода по однос на микробиолошките индиктори е оценета за одлична, велат од Општината.
Водата на трите мерни места може да се користи за капење и рекреација.
-Од извршените испитувања и стручната анализа се заклучува дека водата од Дојранско Езеро на мерно место “Градска плажа”, и покрај отстапувањата од бараната втора класа на одредени физичко – хемиски параметри кои директно не се одразуваат штетно по здравјето на луѓето, соодвествува со микробиолошките стандарди за капење, стои во извештајот. Истото е наведено и за останатите мерни места.
Според “Центар за јавно здравје” поради видлива пролиферација на алги, појава на пена на брегот, како и количина на биомаса со зеленкаста боја, потребно е да се изврши анализа на фито и зоопланктон од страна на ЈНУ “Хидробиолошки завод” од Охрид, за комплетна проценка на безбедноста на водата и нејзината еколошка состојба.
Фото: Општина Дојран/Фејсбук














