Која е компанијата „Гранит“ која го гради автопатот Скопје-Блаце

Вчера конечно започна изградбата на втората фаза од автопатот Скопје-Блаце на која се чекаше повеќе од 20 години.

Станува збор за изградба на 10,5 километри, кои треба да бидат готови за четири години.

Во првата фаза беа изградени 1,5 километри.

На истиот ќе има пет тунели, осум мостови, 11 потпатници, четири галерии и девет потпорни ѕидови.

Автопатот го гради конзорциум предводен од една од најпознатите и најголемите градежни компании во Македонија, Гранит АД Скопје.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

За колку пари Гранит ќе го гради автопатот Скопје-Блаце

Која е Гранит

Гранит е формирана како компанија за конструкција на патишта за потребите на Социјалистичка Република (СР) Македониjа, согласно владината одлука на СР Македонија на 24. ноември, 1952 година.

Истата се приватизира во 1996 година и стана првиот градежен изведувач со приватен капитал во Македонија.

Импозантно меѓународно портфолио

Изминативе години македонските градежни добиваат скромни договори за работа во странство, но Гранит за изминатите децении може да се пофали со импозантно меѓународно портфолио.

Првиот договор во странство и на Блискиот Исток, го има склучено во 1969 година, за изградба на автопатот Хомс-Салет во Сирија.

Гранит учествувал и во изградбата на Цветендорф нуклеарната постројка во Австрија, во изградба на Кувајтската воената воздухопловна база, градел патишта и улици во Бенгази, Либија, воени аеродроми во Ирак, ја градел фабриката Novokuzneck Steel во Русија, работел и на рехабилитација на аеродромот во Софија, Бугарија, како и на аеродромот во Сараево, Босна и Херцеговина, работел и на албанскиот пазар, хрватскиот и украинскиот пазар, учестувал во рехабилитација на аеродромот во Приштина, Косово, а работел и на пазарот во Република Српска…

На што работела/работи во Македонија

Во Македонија работел на изградба на брана Злетовица и браната Света Петка, во реконструкцијата по земјотресот во Скопје, има договори со РЕК Битола за ископ на јаглен, бил дел од проектот за изградба на 145 училишни спортски сали, изградбата на Државниот архив, Уставен суд и Археолошкиот музеј, како и изградба и реконструкција на патишта и локални патишта низ Македонија…

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Гранит ќе добие уште 80 милиони евра за автопатот Кичево – Охрид

Во 2014 година Гранит потпиша договор со кинеската групација Sinohydro Corporation Limited Beijing за подизведувач на автопатот Миладиновци – Штип, делот Свети Николе – Штип, а потоа со истата групација и за изградба на автопат Кичево – Охрид, кој се уште се гради.

Кој е дел од актуелниот менаџмент

Во Управниот одбор (УО) на компанијата е Зоран Милковски, кој е и генерален директор. Тој е и член на УО на Стопанската комора, како и на Надзорниот одбор (НО) на Евроинс осигурување АД Скопје.

Друг член на УО е Андреа Серафимовски, кој е е претседател на Здружението на градежници при Стопанската комора и член на нејзиното Собрание, како и потпретседател на Друштвото за градежни конструктори.

Во УО се и Страшо Милковски (поранешен генерален директор и татко на актуелниот), кој е претседател на УО, Катерина Ѓердовска и Венко Зафиров.

Во Надзорниот одбор (НО) се Ивана Милковска Симева, која е претседател на НО, а исто така е и член на НО во Комерцијална Банка АД Скопје, како и Горан Марковски, кој ја вршеше фукцијата независен член на НО до мај 2025 година, по што поднесе оставка.

Нов независен член е Александар Стојков, редовен професор по економски науки, кој исто така е надворешен неизвршен член на Одборот на директори на Централниот депозитар за хартии од вредност, како и Виолета Божиноска.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Гранит ги објави платите на надворешните членови на менаџментот

Страшо Милковски купи 3.000 акции на Гранит

Колкава дивиденда ќе дели Гранит

Фото: МТ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.


  • Најчитани вести


  • Најчитани вести