Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Ќ.М.(49), С.Ѓ.(42) и Ќ.С.(58), сите од Гостивар и против В.Р.(35) и С.Е.(40), двајцата од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела ,,злоупотреба на службена положба и овластување” и ,,несовесно работење во службата”. Во текот на 2017 година во Гостивар, на улица „Мара Угринова“, прво и второпријавениот, како инвеститори, изградиле индивидуален станбен објект, на кој, спротивно на одобрението за градба, изградиле дополнителни четири ката, информира МВР.
Третопријавениот, како изведувач на наведените објекти, вршел градежни активности без одобрение за градба, без основен проект и писмен договор со инвеститорот.
Додека, четврто и петтопријавениот, како градежни инспектори во општина Гостивар, не вршеле надзор на градбата на наведениот објект, со што му овозможиле на прво и второпријавениот да одбегнат плаќање на комуналии и други давачки за изградба на наведениот објект, а на штета на Буџетот на општина Гостивар.