Професорот на Правниот факултет Дејан Мицковиќ, кој од 2004 до 2006 година бил претседател на бордот на директори во „Македонски телеком“, на денешното рочиште во Скопје за случајот „Маџар телеком“ рече дека уште пред неговото сведочење кај американските власти добивал закани да не сведочи.
Освен заканувачките пораки добиени по електронска пошта, во 2008 година во неговата канцеларија на Правниот факултет дошло непознато лице со предупредување да не сведочи.
– И покрај пораките и заканите одлучив да сведочам кога и да бев повикан, рече Мицковиќ, додавајќи дека за ова ги известил тогашниот јавен обвинител Љупчо Шврговски и тогашниот американски истражител, а подоцна и обвинителот Марко Зврлевски, но оти до денес не е откриено кој му се заканувал.
Одговарајќи на прашања од специјалната јавна обвинителка Лиле Стефановска, Мицковиќ појасни дека бил повикан да сведочи пред американските власти за случајот „Маџар телеком“ и оти тогаш му била предочена комуникација преку електронска помошта меѓу тогашните директори на „Маџар телеком“ и тогашниот директор на „Македонски телеком“, Атила Сендреи која генерално се однесувала на тоа да не му бидат нему доставени одредени информации.
Дури во една од пораките стоело и тоа доколку направи некаков проблем, да биде „среден“ од неговите претпоставени.
Поради заканите, како што сведочеше Мицковиќ, американскиот федерален судија донел одлука да биде третиран како загрозен сведок и неговото сведочење да не се објавува во текот на постапката.
Сведочејќи за протоколот за соработка потпишан меѓу тогашната македонска Влада и „Македонски телеком“, Мицковиќ одговарајќи на прашања од обвинителката Стефанова рече дека со тогашниот премиер Владо Бучковски немал детално разговорано, освен дека тој му предочил дека се работи за политички монтиран случај.
За документот „нон-пејпер“ во кој имало податоци за исплата за одредени лица кои биле наведени со иницијали, Мицковиќ дознал дури кога сведочел пред американските власти.
Рочиштето за случајот „Маџар телеком“ продолжува во среда.
Судењето за овој случај почна во 2011 година, а од неодамна случајот го презеде Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
Во нашата земја беа поднесени кривични пријави против четворица странски државјани уште пред американските власти да го отворат случајот врз основа на тоа дека во периодот кога се случила корупцијата, „Маџар телеком“ котирал на американската берза.
За злоупотреба на службената положба во нашата земја беа обвинети генералниот директор на Македонски Телеком, Атила Сендреи, финансискиот директор, Ролф Плат, како и Михаил Кефалојанис и Золтан Кешиус, кои беа осомничени дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“ и на тој начин го оштетиле „Македонски телеком“ и Буџетот на Македонија, бидејќи Владата била акционер.
Случајот доби нов тек откако пред американските власти во Њујорк сведочеше поранешниот разузнавач Слободан Богоевски, кој тврдеше дека мито од „Маџар телеком“ зеле поранешниот премиер Владо Бучковски, лидерот на ДУИ Али Ахмети, тогашниот функционер на ДУИ Муса Џафери и Абдулхалим Касами.
МИА