Фестивалот „Охридско лето“ утревечер ќе го прослави 59-тиот роденден со концерт на познатите гитаристи Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ на сцената на Античкиот театар.
Со овој концерт нашата најпозната сценско-музичка манифестација ја продолжува традицијата својот роденден на 4 август да го одбележува со несекојдневни доживувања, нудејќи содржини малку поинакви од вообичаениот фестивалски концепт и со концерти што привлекуваат поширок аудиториум.
Влатко Стефановски, виртуозот на гитара од многумина оценет како нашиот најпознат музички амбасадор во светски рамки, на прес-конференција денеска рече дека „Охридско лето“ со своите 59 изданија може да биде ментор и учител, пример за многу фестивали во регионот и светот. Секој негов настап во Охрид, рече, му бил предизвик, привилегија, задоволство.
– Сум растел заедно со овој фестивал, честопати сум бил во Охрид токму кога се случувало „Охридско лето“. Сум доаѓал од Скопје пред 30 години за да го гледам Рави Шанкар во „Света Софија“, токму во рамки на фестивалот. Сум учествувал на фестивалот. Знам колку е тешко да се организира ваква манифестација, со многу учесници, гости, сместувања, тонски проби, озвучување, простори, столчиња, по ветер, дожд, сонце…Оттаму и мојата поддршка на сите тие напори, со искрени честитки за толку голем јубилеј, рече Стефановски.
Мирослав Тадиќ не го криеше задоволството што му е дадена можност да настапува во земјата за која рече дека е извориштето на музиката што особено ја сака. Рече дека додека бил мал и гледал преноси на концерти од „Охридско лето“, воопшто не верувал дека ќе ја има честа да свири на фестивалот, уште помалку за роденденскиот концерт.
– Македонија и мојата уметничка татковина бидејќи веќе 40 години откако заминав во САД на свој начин најмногу се занимавам токму со македонската музика. Таа е за мене извор на инспирација, на мошне интересен музички материјал, така што би се пофалил дека генерации студенти од целиот свет преку мене ја откриваат и обожуваат таа музика, со нејзината прекрасна мелодичност, хармонија и ритмика, истакна Тадиќ.
Стефановски и Тадиќ во дуо активно функционираат повеќе од две децении. Зад себе имаат над стотина концерти, меѓу кои настапи во најреномирани светски уметнички сцени, со најпознати симфониски оркестри, како оние во концертната сала „Музикферајн“ во Виена, потоа со Лондонскиот симфониски оркестар во Лондон, во Монте Карло, Лајпциг, Магдебург, Вајмар, Лос Анџелес…Нивниот албум „Крушево“ е култен меѓу дискофилите и култна плоча кај аудифилите кои го препознаваат добриот звук.
На денешната прес-конференција по повод утрешниот концерт беше истакнато дека денот кога фестивалот го слави роденденот стана симбол за неповторлив настан.
МИА/Фото: Фејсбук/Стефановски