еМагазин
Image default
Македонија

Бугарската страна во Комисијата за историски прашања ќе бара вонреден состанок до крај на август

Вонредна средба на Комисијата за историски прашања ќе бара бугарската страна откако премиерот на Бугарија, Бојко Борисов пред два дена побара таа да работи секојдневно и до октомври да ја заврши својата работа, јавува телевизија „Телма“.

Ангел Димитров, кој ја предводи бугарската страна во Комисијата, за Бугарското национално радио, изјави дека ќе ги покани македонските колеги до крајот на август на состанок, пред редовно закажаниот во септември.

Според него македонската страна била таа која не била подготвена за секојдневно работење.

„Не е возможно да се работи деноноќно! Ова може да се случи само ако нашите колеги се подготвени за тоа, но тие не се и тоа е докажано многу пати. Денес дури и ќе ги поканам нашите колеги – вонредно, на место што ќе го изберат, ако сакаат и во некое одморалиште во Бугарија, да закажеме состанок на крајот од август за да ја олесниме нашата работа за состанок во септември.

Повеќе пати сме предлагале нашите состаноци да бидат почести, со поинтензивен работен ритам, но нашите колеги сметаат дека шест средби во текот на една година досега се доволни“, изјави Ангел Димитров, претседател на бугарската страна во Комисијата за историски прашања.

На таа средба како што вели Димитров, треба да се решат две важни прашања – бугарските учебници за средновековието и османлискиот период, но и прашањето за чествувањето на Гоце Делчев.

„Работите за Гоце Делчев за бугарската историска наука се јасни. Историчарите нема да кажат што е Гоце Делчев. Тие можат само да го потврдат или негираат тоа што тој го кажал за себе, за своето семејство, за околината во која израснал, за кои интереси работел и за кои го дал животот. Разликите по тоа се фундаментални.

Ние сакаме да го гледаме Гоце Делчев како личност во неговото историско време, а не од гледна точка кои ги напуштаат чисто историските гледања и кореспондираат со подоцна создадени слики со чисто политичка конотација. За нас тоа не е продуктивен пристап, модерен, современ. Тука се разидуваме со колегите“, вели Ангел Димитров, претседател на бугарската страна во Комисијата за историски прашања.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Историчарот Ѓорѓиев: Инстант решение за Гоце Делчев може да влијае негативно

Историчарот Тодоров: Како ќе го чествуваме Делчев ако би се изучувал како Бугарин?

Борисов инсистира до октомври да има договор чив е Гоце Делчев

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Починаа петмина нови пациенти од корона вирусот, најмладиот има 49 години

Редакција

Три сценарија за корона вирусот во Македонија: Најцрното предвидува 1.805 починати лица до 1 ноември

Редакција

ВМРО-ДПМНЕ поднесе закон за измена и дополнување на Законот за здруженија и фондации

Редакција