еМагазин
Image default
Македонија

Пратеници застанаа зад иницијатива за формирање една изборна единица

Во Собранието е формирана Иницијатива за една изборна единица, во која се вклучени 12 пратеници од 10 партии и еден независен пратеник. Групата, како што информираат од Иницијативата, е формирана на средбата во собранискиот Клуб на пратеници, одржана на 11 септември 2019 година, од пратеници кои се залагаат за пропорционален изборен модел со една изборна единица.

„Како пратеници од Иницијативата бараме да бидеме вклучени во процесот на измена на Изборниот законик, на кој сме обврзани како држава по забелешките на ОБСЕ/ОДИХИР од последните парламентарни избори. За таа цел, денес писмено преку архивата побаравме состанок со  претседателот на Собранието, Талат Џафери и со претседателите на трите партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои го водат овој процес“, стои во соопштението од Иницијативата.

Оттаму сметаат дека на ваков начин ќе се обезбеди поголема транспарентност и инклузивност на целиот процес, како и почитување на волјата на оние граѓани кои очекуваат демократизација на земјата преку измени во изборниот модел.

„Речиси две децении, од 2002 година досега, во Македонија на сила е пропорционален изборен модел со шест изборни единици. Тоа е доволен период за да може да се видат и анализираат позитивните и негативните ефекти од него. Тој беше секако подобар од претходниот мнозински изборен модел, зашто обезбеди поправичен избор на пратеници според бројот на гласови на гласачите. Сепак, распределбата на остатокот од гласовите од листите што не обезбедиле мандат, преку Донтовиот метод, оди во прилог на најголемите субјекти“, посочуваат во соопштението.

Според нив најголемиот недостаток на овој модел е ограничувањето за листи на партии или поединци да обезбедат мандат, доколку немаат концентрација на гласови во една изборна единица.

Така, како што наведуваат, се случуваше да отпаднат листи што на ниво на цела држава имаа 30-40.000 гласови, а во Парламентот да може да влезат, со мали исклучоци, само неколку поголеми партии.

Оценуваат дека ова имало директно негативно влијание врз македонската демократија, стимулирајќи само неколку големи партии, принудувајќи ги другите политички субјекти во предизборни коалиции, а на граѓаните оневозможувајќи им да влијаат директно врз изборот на пратеник од одреден идеолошки профил, надвор од понудата црно-бело.

Зад иницијативата стојат Лилјана Поповска, Маја Морачанин, Рубин Земон, Ферид Мухиќ, Мирослав Јовановиќ, Панчо Минов, Самка Ибраимоски, Јулиана Николова, Јусуф Хасани, Реџеп Мемеди, Алија Камбероски и Амди Бајрам.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Заев и Ципрас меѓу најсериозните кандидати за Нобеловата награда за мир?

Редакција

(Мапа) Најмногу заболени со Ковид-19 на 100 илјади жители има во Кратово

Редакција

Османи не откри зошто е протеран нов руски дипломат

Редакција