Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) вечерва соопшти дека се запленети вкупно 4,5 тони путер со поминат рок, кој утре ќе биде уништен на „Дрисла“.
Во соопштението се наведува дека путерот, чиј увозник е млекарницата „Евро Млекара“ од Скопје, е повлечен, бидејќи е утврдено дека рокот на декларацијата не соодветствува со увозната документација за производот според која рокот на употреба бил до 2019 година.
– Агенцијата за храна и ветеринарство изминативе две недели спроведе акција за контрола на млечни производи од увоз во млекарницата „Евро Млекара ДООЕЛ“, Скопје.
Во неколку последователни контроли во млекарницата и кај дел од нејзините дистрибутери, повлечени се вкупно 4.325 килограми увозен путер, за кој е утврдено дека е со изминат рок до 2019 година.
Производот е повлечен, бидејќи е утврдено дека рокот на декларацијата на производот (13.02.2021 година) не соодвествува со увозната документација за производот, според која, рокот на употреба бил до 2019 година, посочува АХВ.
Спроведени се и дополнителни контроли во истата млекарница и кај дел од дистрибутерите при што запленети се нови количества на путер со изминат рок на употреба, со што вкупната количина на запленет увозен путер за кој застапник е оваа млекарница е скоро 4,5 тони.
– Целокупното количество на увозен путер со поминат рок, ќе биде уништено утре на депонијата Дрисла. Контролите од страна на АХВ продолжуваат и во текот на следната недела на повеќе млечни производи од различни домашни и странски млекарници, што се продаваат на македонскиот пазар.
АХВ ќе постапи неселективно и во рамките на своите надлежности кон сите што ги прекршиле законските правила за продажба на производи. Со оваа акција на АХВ е спречено загрозување на здравјето на граѓаните со небезбедни производи, се вели во соопштението.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Заплената количина на путер „се стопи“ од 4,5 тони на 30 килограми
Фото: Photo by Sorin Gheorghita on Unsplash