Највисока доверба меѓу граѓаните имаат верските заедници (5,1), војската (5,1) и полицијата (4,3), покажува последното истражување подготвено во рамки на „Програмата за парламентарна поддршка“, што ја спроведуваат Националниот демократски институт (НДИ), Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), Центар за управување со промени (ЦУП), со финансиска поддршка од Владата на Швајцарија.
Краткиот извештај од годишното истражување за јавната перцепција за работата на Собранието, квалитетот на живот, политичките прашања и довербата во институциите во Македонија содржи информации што се основаат на ставови од граѓаните во кои тие дадоа оцена на низа прашања на скала од еден до 10.
Во однос на најважните институции во политичкиот систем, Претседателот на државата има највисока доверба – 3,6, додека најниска оценка доби судството со 2,7. Собранието (3,4) и Владата (3,3) беа оценети речиси исто. Граѓаните имаат ниска доверба и во Јавното обвинителство (2,7) и во политичките партии (3).
Генерално, може да се забележи ниска доверба во сите општествени чинители и државни институции.
Истражувањето покажува дека повеќе од две третини сметаат дека животот во државата се движи во погрешна насока (69%), додека најпесимистички настроени се жителите од Вардарскиот регион (80%).
Перцепцијата на доминантен дел од анкетираните граѓани (79%) е дека пратениците се целосно или делумно зависни од волјата на лидерите на политичките партии од кои доаѓаат. Според учесниците на фокус-групите постои „строга партиска хиерархија каде што повисоките елити се договараат, а другите спроведуваат“
Малку повеќе од половина од испитаниците (52%) се согласуваат дека промената на изборниот модел може да придонесе кон намалување на зависноста на пратениците од партиските лидери.
Теренската анкета е спроведена во периодот 22 февруари – 9 март 2023 година со примерок од 1.002 испитаници над 18-годишна возраст на целата територија на државата, преку методот лице в лице.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Анкета: Неопределените и тие што нема да гласаат пред ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ