еМагазин
Image default
Бизнис

АСОМ: Законот за игри на среќа де факто значи бришење на една цела стопанска гранка и 7.700 луѓе кои остануваат без работа

Денеска Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ), претставувана од Претседателот Васко Илиески и претставници на петте членки присуствуваа на Јавната расправа во Собранието на Република Северна Македонија по предлог-измените и дополнувањата на Законот за игрите на среќа и забавните игри.

На дневен ред беа предлог измените на Законот за игрите на среќа и забавните игри кои предвидуваат дислоцирање на просториите во кои се приредуваат игрите на среќа на растојание од најмалку 500 метри воздушна линија од училиштата, факултетите, универзитетите, институтите, библиотеките, детските градинки, домовите за згрижување деца без родители и сл.

АСОМ смета дека измените на законот би значеле целосно затворање на сите обложувалници на територијата на целата држава.

„Ова мора да е кристално јасно и сакам сите добро да го знаат. Иако де јуре законот не предвидува затворање, де факто ќе се случи буквално бришење на цела една стопанска гранка и преку ноќ 7700 луѓе ќе останат без работа“, потенцираше претседателот на АСОМ, Васко Илиески во обраќањето и додаде дека ова предлог решение ќе го поттикне нелегалното кладење, а индустријата од регулирана ќе премине во нерегулирана и ќе го отвори патот на „црниот пазар“.

Во своето обраќање, Илиески нагласи дека согласно постоечкиот Закон, прашањето за забрана за учество на малолетни лица во игрите на среќа и забрана за влез во просториите во кои се приредуваат игри на среќа е целосно регулирано. Во член 20 став 1 од Законот е пропишано дека „лица помлади од 18 години не можат да учествуваат во игрите на среќа,  а казните за непочитување на овој член се високи.

„Обложувалниците целосно го почитуваат овој закон и најстрого внимаваме да нема никакви прекршувања. Ние немаме никаков интерес во нашите објекти да влегуваат лица помали до 18 години и доследно го спроведуваме Законот. Како Асоцијација сме подготвени да прифатиме и построга контрола, построга регулација и казни за прекршување на овој закон“, истакна Илиески на денешната јавна расправа.

На денешната расправа, на покана на АСОМ присуствуваше Зоран Пухач, Генерален секретар на Европската организација на игрите на среќа (EOGL) со седиште во Брисел која ги претставува европските играчи и обложувалници, лиценцирани и регулирани со правото на ЕУ, чија примарна цел е промовирање на безбедна и сигурна средина во игрита на среќа, заштита на малолетниците, обука на вработените за препознавање на зависност од игрите на среќа и др.

„За 11 години интензивно следење на проблемот со одговорното обложување во Европа и во светот, не најдов ниту едно релевантно истражување кое на било кој начин би ја поврзала оддалеченоста на објектите за игри на среќа со било каков вид на патолошко однесување. Законите на развиените земји немаат таков вид ограничувања, бидејќи веќе одамна утврдиле дека растојанието не е поврзано со учеството на малолетни лица во игрите на среќа.

Сите современи решенија одат кон целосна забрана за пристап и учество за малолетници со санкционирање на прекршителите“, истакна Пухач и потенцираше дека земјите кои воведоа забрана на игрите на среќа, придонесоа кон создавање црн пазар. Гледано од тој аспект, ниту една европска земја не ја разгледува можноста за забрани, туки квалитетно регулирање на игрите на среќа.

Во однос на предложеното растојание, Пухач истакна дека во Република Северна Македонија како мала земја, 500 метри растојание од установи каде се врши воспитно-образовна дејнсот би значело затворање на сите приредувачи на игрите на среќа, што ќе го отвори патот на нелегалното кладење и црниот пазар, што ќе предизвика бројни негативности.

Пухач дополнително образложи дека ако се создаде „црн пазар“ државата ќе ги загуби милионите кои се влеваат во нејзиниот буџет по основ на сите давачки од индустријата на игрите на среќа. Тоа ќе значи дека, и организациите како Агенцијата за спорт и млади во случајот на РСМ, и други социјални организации кои се финансираат од државниот буџет ќе останат без значителен дел од приходот, а она што е најалармантно е дека голем број граѓани- вработени во областа ќе останат без работа.

„Со своето работење индустријата на игри на среќа придонесува со една четвртина милијарди евра во буџетот на државата. Mинатата година, државниот и локалните буџети од индустријата на игри на среќа оствариле 253 милиони евра.

Од тоа, 135 милиони евра од директни приходи и 118 милиони евра, благодарение на индиректните приходи од ДДВ, локални такси, придонеси и даноци за плати, закуп на деловен простор. За плати за своите вработени, компаниите приредувачи на игри на среќа издвоиле околу 32 милиони евра, а државата на име на даноци инкасирала 11 милиони евра.

Овие податоци споредени со 2017 година покажуваат дека придонесот на индустријата на игри на среќа во јавниот буџет во 2018 година е зголемен за неверојатни 41%“, информира АСОМ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

АСОМ: Измените во Законот за игрите на среќа го отвораат патот на нелегалното кладење

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

ГА-МА склучи договор со АК-Инвест од Тетово вреден 1,8 милион евра

Редакција

Тито Беличанец по 27 години даде оставка од Надзорниот одбор на ТТК Банка

Редакција

Втор ден од Самитот Македонија 2025: Дигитализацијата и елиминирање на корупцијата – предуслови за забрзан економски раст

Редакција