еМагазин
Image default
Бизнис

АСОМ: Измените во Законот за игрите на среќа го отвораат патот на нелегалното кладење

На покана на Собранието, Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија денеска присуствува на Јавната расправа, закажана по предлог-измените на законот за игрите на среќа и забавните игри, кои ги побара група пратеници од пратеничката група на ДУИ.

Ставот на Асоцијацијата на спортски обложувалници е категоричен. Предлог измените на законот, дефинитивно ќе ги затворат сите обложувалници и ќе го отворат патот кон нелегалното кладење.

Со измените се предвидува оддалечување на просториите во кои се приредуваат игрите на среќа на растојание од половина километар воздушна линија од објекти во кои се врши воспитно образовна дејност. Образложението кое го дава групата пратеници е превенција на можности за стекнување порочни навики кај младата популација.

На овие измени АСОМ веќе подолго време реагира, со аргументирани образложенија зошто растојанието не е и не може да биде пресудно за спречување на порочните навики и апелира дека предвиденото растојание нема да го реши проблемот, а од друга страна ќе отвори поголем проблем, затворање на една цела стопанска гранка и поттик на сивата економија и кладењето на црно.

Аргументите кои одат во прилог на нивниот став, ги потврдуваaт искуствата на земјите од соседството, во кои годинава измените на законот на игрите на среќа, ги затворија сите обложувалници, а денеска истите се соочуваат со проблемот на кладење на црно и он-лајн кладење на странски сајтови.

Албанскиот парламент кој мината година усвои закон кој стапи на сила од 1 јануари, 2019 година, целосно го забрани спортското обложување и другите облици на игри на среќа. И Асоцијацијата на обложувалниците во Албанија апелираше дека обложувањето ќе продолжи и покрај забраната, што се потврди и на терен, а анализите на психолозите во Албанија направени по спроведувањето на законот, покажуваат дека состојбата сега е многу по алармантна од претходно.

Албанците не престанаа да се обложуваат, но сега нелегално. Некои компании, и покрај тоа што е забрането како дејност, земаа лиценци за он-лајн обложување во европски држави и продолжија да работат, обезбедувајќи си себеси приход и оставајќи ја државата без средствата кои дотогаш таа ги добиваше од оваа индустрија. Кога албанската полиција спроведе рација во објектите за кои имаше сомневање дека работат како спортски обложувалници „на црно“  пронајде илјадници адреси за он-лајн обложување.

Ставот на АСОМ е дека бизнисот треба да се до-регулира, но не и комплетно да се затвори. Ниту кладењето ниту коцкањето нема да запрат и доколку овие предлог измени се донесат тогаш државата ќе има поголем проблем. Со тоа што индустријата во моментов е регулирана со Закон, сивата економија и нелегалното обложување се сведени на минимум и соодветно санкционирани што не остава можност истото да земе поголеми размери.

За жал, предлог измените од регулирана ќе направат нерегулирана индустрија. За потсетување, во рација, МВР  има затворено обложувалница во Тетово која работела на „црно“, а во с.Ростуше има запленето апарати за игри на среќа за кои сопственикот не поседувал валидна документација. Такви примери има години наназад.

Достапноста на интернетот и модерната технологија ќе овозможат лесен пристап на странски он-лајн сајтови за обложување, што кај нас, законски е забрането. Тоа ќе значи дека државата целосно ќе ја загуби контролата врз обложувањето, а парите за данокот, наместо во државната каса, ќе завршуваат во џебот на нелегалните приредувачи.

Што велат истражувањата?

Истражувањата на Европската организација за игри на среќа (EOGL) покажуваат дека регулираните форми на обложување се најдобар начин за минимизирање на можностите за нелегално коцкање. Според податоците од истражувањата, законите кои се носат во овие индустрии се во насока на прецизна регулација, а не во насока на затварање или дислокација на објектите.

Во однос на спречување на можноста за стекнување порочни навики кај младите, Асоцијацијата смета дека доколку Законот доследно се спроведува и почитува во делот каде што е регулирано дека  влезот во објектите каде што се приредуваат игрите на среќа и забавните игри е строго забранет за малолетни лица, нема да постои проблем со посетеност на овие објекти од страна на малолетници.

Во таа насока, АСОМ се подготвени да прифатат и построга контрола, построга регулација и казни за прекршување на Член 20, став 1 и став 3 од Законот за игри на среќа и забавните игри. Тоа би значело зголемување на казните за приредувачите на игри на среќа, но и воведување на казни за операторот кој извршил уплата на малолетно лице, за родителите/старателите на малолетните лица кои би биле затекнати во просториите на приредувачите на игри на среќа.

Дополнително, Асоцијацијата е подготвена да помогне во развој, имплементација и финансирање на програми и кампањи за едукација и подигање на свест за негативните последици од игрите на среќа, пред се кај младата популација, но и работа со родителите и образовните институции кои имаат најголемо влијание врз правилниот развој на децата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Пад на вредноста на јавните набавки на општините за една третина, во Скопје дури за 68%

Редакција

ЈП за државни патишта склучи договор со Неотел вреден 729,1 илјади евра

Редакција

Се бара решение за трговскиот спор со Косово, засега остануваат забраните за извоз

Редакција