Во среда започнува дистрибуцијата на тестовите за Ковид-19 за домашна употреба, односно т.н. „селф тестови“, во аптеките во Грција, а ќе бидат бесплатни, но и задолжителни за одредени категории граѓани, како што се учениците и наставниците.
Алтернативниот министер за здравство на Грција, Василис Кондозаманис соопшти дека земјата ќе набави 10 милиони вакви тестови.
Во првата фаза, приоритет ќе имаат постарите средношколци, односно оние на возраст од 16 до 18 години, како и нивните професори со цел да се отворат повисоките класови од средните училишта.
Учениците и просветните работници, задолжително ќе треба секоја седмица да се тестираат со домашните тестови, 24 до 48 часа пред почетокот на наставата.
Ќе биде отворена и специјална интернет платформа на која ќе се пријавуваат позитивните случаи, но и негативните, доколку станува збор за категорија граѓани за кои домашното тестирање ќе биде задолжително и ќе биде потребно да имаат соодветна потврда.
Истото ќе важи и за учениците, во случај резултатот да е позитивен, ќе треба да се пријави на платформата и потоа да се направи и тест во здравствена институција, а при негативен резултат ќе добиваат потврда што треба да ја носат со нив на училиште.
Учениците кои нема да имаат потврда, нема да можат да ја следат наставата.
Кондозаманис истакна дека домашните тестови во никој случај не можат да го заменат епидемиолошкиот надзор, туку се додатно средство за индивидуално само-дијагностицирање и самозаштита за рано дијагностицирање и изолирање на асимптоматските случаи.
За секој граѓанин предвиден е по еден тест седмично, а со бројот на социјално осигурување со тестовите за домашна употреба, ќе се снабдуваат од аптеките.
МИА