Бугарската Влада во писмена декларација по повод потпишувањето на билатералниот протокол по член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година потенцира дека со тоа завршил еден тежок процес на преговори, во кои двете Влади покажале храброст и политичка волја за надминување на несогласувањата.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, со таа одлука целосно се заштитуваат правата на Бугарите во Македонија и бугарскиот национален интерес.
-Имено затоа тоа доби максимално широка поддршка во Народното собрание на Бугарија, вклулчувајќи ја и опозицијата во него, што е позитивна оценка на напорите на бугарската Влада и за дадените гаранции за интересите на Бугарија, се наведува во декларацијата.
Во документот се наведува дека почнува нова страница во односите меѓу двете земји и народи, кои ќе ги постави основите за взаемна доверба и почитување, ќе ги зајакне врските во сите области и уште повеќе ќе ги зближи луѓето од двете страни на границата.
Бугарската Влада очекува да продолжи дијалогот, кој беше активиран на почетокот на 2022 година во областите како економија, инфраструктура, енергетика, култура, образование и друго.
Граѓаните на Бугарија и Македонија, се вели во документот, ќе се запознаат подобро, кога меѓу нив има патишта со кои се развива трговијата, се разменуваат културни настани.
– Без граници меѓу нас, но со почит едни кон други – тое е европски начин да се развиваме заедно. Немаме излузија дека со тоа сите проблеми меѓу двете држави се решени. Но ние веруваме дека веќе имаме јасна основа, изградена врз европски вредности и принципи, врз основа на кои ќе ги решаваме меѓусебните прашања, се нагласува во декларацијата.
Истовремено со потпишувањето на протоколот и по спроведувањето на соодветните уставни измени, се вели во декларацијата, се отвора патот на Македонија кон преговорите за членство во ЕУ.
Во документот се нагласува дека Бугарија отсекогаш била и ќе продолжи да биде меѓу најголемите поддржувачи на политиката на проширување на ЕУ.
-Бугарија им се заблагодарува на сите нејзини европски партнери, кои и укажаа доверба, како и дека демонстрирале разбирање на бугарската позиција и примената на декларираните принципи во пракса, се додава во декларацијата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Бранимир Јовановиќ: Протоколот е трагедија за Македонија и срамота за Бугарија и ЕУ
Најчевска: Протоколот со Бугарија е страшен и понижувачки и неприфатлив
МИА/Фото: Unsplash