еМагазин
Image default
ЖИВОТ

Бузалковска: Се уште е скандалозна „ревидираната“ Годишната програма на проекти од национален интерес во културата

За оние кои сè уште не виделе, излезе „ревидираната“ Годишна програма на проекти од национален интерес во културата. По мене, сè уште скандалозна, реагира режисерката Зоја Бузалковска на нејзиниот фејсбук-профил.

Нејзиниот статус го пренесуваме во целост:

„Освен корекциите на кардиналните грешки и на катастрофалните одлуки во неколку случаи, сето друго е токму како што предвидов – забошотување, „затнување усти“, пополнување дупки, залажување, тивка уцена на оние кои сакаат нивните институции да продолжат да постојат и проектите сепак да бидат реализирани, како-така.

Во најголемиот број случаи, промените се состојат во дополнување на проекти и средства, наместа претумбување во договор со институциите и исправка на некои превиди.

Она што не е направено е – тотална, темелна ревизија, во која ќе се преиспита како е можно толку големи (поточно, какви било!) средства да се одлеат на институции кои не биле ниту легално отворени кога е завршен конкурсот за оваа програма и како е возможно толку големи средства да се одлеат на институции и поединци, кои зад себе имаат сосема мало портфолио, никакви успеси и достигнувања во досегашната работа, на сметка на други институции и поединци, кои со години работат успешно и се докажуваат и на домашен и на меѓународен план.

Токму во овој дел апсолутно ништо не е променето. И по делумната ревизија, за овие институции и поединци одлуката останува иста, што е сосема разбирливо кога ќе се знае дека таму единствениот или најважниот применет критериум е партискиот.

Со тоа, тие крупно го оштетија буџетот за култура оваа година и направија, вистински квалитетните проекти да мора да бидат реализирани со мизерни финансии.

Останаа и нелогичностите и непропорционалностите помеѓу бодирањето и доделените средства, различните аршини за ист тип на проекти, нејасните критериуми (мислам дека воопшто и ги нема) и проценки „од ѓутуре“, како и непочитувањето на Националната стратегија во културата 2018-2022 во донесувањето на одлуките, кои проекти и на каков начин ќе бидат поддржани.

Нема приоритети, нема повисоки цели. Има тенденциозност, меѓуетничко докажување и партиски распределби. Она што веројатно се случи, е дека се потрошија резервните десет посто од средствата од буџетот, па така, сега кога касата е сосема празна, оние кои како умни чекаат да им бидат доделени решенијата, за по нив официјално да се жалат, веројатно нема многу да можат да се надеваат на додатни промени.

Од друга страна, 12 март е, а институциите сè уште чекаат на првите средства и се закочени во својата работа.

Морам да признаам дека молчењево многу ме загрижува. Мислам дека навистина не смееме да се помируваме толку лесно и дека мора да ги инвестираме сите свои сили и знаења за да направиме реален напор да се извршат системски промени.

Инаку, ваквото скандалозно третирање на културата ќе се повтори и наредната година, односно за неполни четири месеци.

Во секој случај, срамно е што повторно никој не презеде одговорност за она што се случи, срамно е што Министерот за култура мисли дека „го решил проблемот“, срамно е што Премиерот не мисли дека треба да побара оставка од ресорниот министер по еден ваков скандал и што се задоволува со ваквата солуција, срамно е што ова ќе остане уште едно „чудо за три дена“, во кое моево писание ќе делува бајато и неинтересно за јавноста, која веќе се занимава со некој потазе и позвучен скандал, кој – „се однесува на сите““.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Скопски џез фестивал, Златно славејче, Аволон: Кој се доби пари во ревидираната годишна програма за култура

фото: Фејсбук-профил на Зоја Бузалковска

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Во Охридската болница почина едногодишно бебе

Редакција

Наутро студено време, преку ден сончево со пораст на температурата

Редакција

Продолжено времето за право на абортус: Нема веќе чекање и објаснување зошто жената сака да абортира

Редакција