еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Цела деценија тендери за Универзалната сала: Пари во ветер, објектот пред распаѓање

Не стивнуваат реакциите по вчерашната објава дека Град Скопје распишал конкурс за избор на идејно архитектонско и хортикултурно решение за отворена летна сцена со парк „Универзална“ во Општина Центар на местото каде што сега се наоѓа Универзалната сала.

Дел од граѓаните се против уривањето на овој објект, додека други сметаат дека тоа е право решение. За ова прашање се „спукаа“ и власта и опозицијата, иако и двете страни носат одговорност за катастрофалната состојба во која се најде овој објект од културата.

Но, никој не одговори на прашањето зошто досега во неколку наврати беа распишувани тендери вредни стотици илјади евра за изработка на проекти за реконструкција на постоечкиот објект, но и за изградба на сосем нова Универзална сала, но ниту еден од нив не се реализираше.

Уште во 2013 година, тогашната власт најави дека Универзална сала нема да се реконструира, туку на нејзино место ќе се гради нова сала.

„По опсежна анализа на стручни лица и на Градежниот факултет се утврди дека реконструкција на Универзална сала нема да реши некои битни прашања околу функционалноста на објектот, администрацијата и околу армирано-бетонската конструкција на објектот.

Анализите покажаа дека доколку при реконструкција се врши зголемување на количеството на челичната и бетонската конструкција, објектот не ќе може да ја прифати тежината затоа што е изграден пред 47 години.

Такви дополнителни количини на арматура и бетон, според општите параметри, може да се поставуваат на објекти стари до 50 години. Освен тоа, ако се оди со реконструкција, не ќе може да се зголеми бројот на седишта во салата, кои според потребите се планира да бидат од 2.500 до 3.000“, изјави тогашната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Спротивно на тоа, во 2017 година Град Скопје објави дека во завршна фаза е проектот за реконструкција, доградба и надградба на Универзалната сала која во меѓувреме беше преименувана во Конгресен центар „Александар Македонски“.

„Во тек е проектирањето на овој објект, што го прави проектантската куќа ГИМ и истиот треба да биде готов во втората половина од месец мај. По изготвувањето на сите потребни проекти, Градот Скопје кон крајот на месец мај или почетокот на јуни ќе распише тендер за изградба и доколку се оди како што треба, очекувам истата да започне во месец септември.

Со ова, конечно, Градот Скопје ќе добие нов конгресен центар, пришто ќе биде задржан основниот облик на Универзалната сала, а дополнително ќе се доизградат нови содржини. Финансирањето на проектот за реконструкција, доградба и надградба на Конгресниот центар „Александар Македонски“ ќе се изврши од Владата на Република Македонија, преку Министерството за култура, и би сакал да искажам благодарност што решија да го релизираат овој капитален проект“, изјави тогашниот градоначалникот Коце Трајановски.

Ветување за реновирање на салата имаше и од СДСМ. Пред само две години во мај, 2018 скопскиот градоначалник Петре Шилегов и тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски потпишаа договор дека во 2019 ќе почнат да ја реновираат Универзална сала.

„Постојат три проекти за Универзалната сала меѓу кои што дел се неразработени, дел се изведени надвор од каква било постапка и процедура и за нив не се обезбедени финансиски средства. Заради последниот проект кој не се знае од кого е нарачан, Универзална е во тешка финансиска состојба, должи 200.000 евра и нема средства за да го плати.

Ги доразработуваме проектите да го најдеме оптималното решение за изградба на салата. Откако ќе биде завршен градежниот проект ќе се знае колку ќе чини“, рече тогаш Шилегов.

Сепак, Универзална сала денес не изгледа ниту како јајце, ниту пак стана конгресен центар, а парите кои беа потрошени на овие тендери беа буквално фрлени во ветер.

Останува да се види дали и најновата одлука за уривање на салата ќе има сличен крај или пак дефинитивно ќе се урне едно од главните обележја на Скопје во изминатиов половина век.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Сите детали: Ќе се урива Универзална сала, летна сцена со парк на нејзиното место

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Риши Сунак и официјално стана нов британски премиер

Редакција

Бензините поевтинуваат за еден денар, цената на дизелот останува иста

Редакција

Маркетите нема да работат за Божиќ

Редакција