Курсот на денарот е стабилен, девизните резерви минатата година се зголемени, додека банкарскиот систем, исто така, е стабилен. Ова се заклучоците за монетарниот дел на агенцијата за кредитен рејтинг „Стандард и Пурс“, во извештајот во кој го потврдува кредитниот рејтинг на земјава ‒ „ББ-“, со стабилен изглед, информираат од Народна банка.
Како што се наведува во извештајот на агенцијата, домашната побарувачка е главен фактор на економскиот раст, во услови кога курсот на монетарната политика сѐ уште е олабавен, заради обезбедување доволно простор за постојано економско закрепнување.
Исто така, во извештајот се потенцира дека нема промени во фиксниот курс на денарот, додека девизните резерви минатата година пораснаа за 8,4 отсто. Растот на девизните резерви, коишто достигнаа 3,6 милијарди евра во 2021 година, овозможува доволна девизна ликвидност за одржување на стабилноста на курсот на денарот.
Од агенцијата забележуваат дека има и дополнителен заштитен механизам, односно дека Народната банка има можност за обезбедување дополнителна ликвидност во евра преку репо-линијата од 400 милиони евра, којашто Европската централна банка ѝ ја додели на Народната банка со можност на користење до март годинава. Досега, таа можност не е искористена, но може да се употреби при остварување екстерни ризици.
-Придвижувањето на стапката на инфлацијата е резултат на надворешни фактори, како растот на цените на енергенсите и на храната, забележуваат во извештајот од „Стандард и Пурс“.
Тие очекуваат стабилизирање на овие притисоци во 2022 година, како резултат на забавување на растот на цените на храната. Агенцијата за кредитен рејтинг очекува дека стапката на инфлација во земјава за годинава ќе изнесува 2,6 отсто, за догодина 2 отсто и за 2024 и 2025 година ‒ 1,8 отсто и 1,5 отсто, соодветно.
Од „Стандард и Пурс“ посочуваат дека банкарскиот сектор е стабилен. Адекватноста на капиталот е зголемена и изнесува 17,3 отсто, додека нивото на нефункционалните кредити изнесува 3,6 отсто.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија, ББ-со стабилен изглед
Фото: МИА