еМагазин
Image default
БЕСПАРИЦА ТОП СТОРИИ

Денарот и финансискиот систем ќе останат стабилни, уверува Народна банка

Монетарните и фискалните власти се координираат и внимателно ги следат меѓународните случувања и нивните потенцијални ефекти врз домашната економија и подготвени се соодветно да ги прилагодуваат политиките.

Во оваа насока, денес се одржа средба помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии, Фатмир Бесими, на која стана збор за актуелните меѓународни случувања, ефектите врз глобалната економија како и очекувањата за македонската економија.

„На средбата беше посочено дека светот се соочува со уште еден нов глобален предизвик по пандемијата. Почетокот на руско-украинската војна имаше ефект врз глобалните пазари и инвеститорите.

Цените на примарните производи, храната и енергенсите пораснаа, додека цените на акциите се намалија, што е очекувано однесување кај инвеститорите во вакви случаи.

Ова ќе повлијае и на процесот на опоравување на глобалните синџири, со оглед на улогата на Русија и Украина во нив, како едни од најголемите производители на енергенси и жито,“ се вели во соопштението на Народна банка.

Во него се додава дека директната изложеност на нашата економија кон овие две економии е многу мала.

„Тие не се присутни во финансискиот сектор, а странските директни инвестиции и дознаките кои доаѓаат оттаму, имаат учество под 1% во вкупните вредности. Но, со оглед на учеството на Русија и Украина во понудата на глобалните пазари на суровини, очекувани се индиректни ефекти преку цените на примарните производи.

Дополнително, доколку овие состојби се одразат на растот на европската економија, можно е влијание и врз инвестициите – домашни и странски, а со тоа и влијание врз економската активност,“ додаваат од Народна банка.

На средбата беше истакнато дека просторот за ублажување на потенцијалните ефекти преку политиките е адекватен, а стабилноста на финансискиот систем е исто така поддршка на отпорноста на економијата.

„Изминатите години се креирани соодветни заштитни механизми во финансискиот систем, што ќе овозможи негово непречено функционирање и натамошна кредитна поддршка на економската активност.

Дополнително, соодветното ниво на девизните резерви овозможува доволен простор за обезбедување доволна девизна ликвидност на домашната економија.

На состанокот беше истакнато дека Министерството за финансии и Народната банка будно ги следат состојбите, при што навремено се разменуваат информациите и ќе се реагира соодветно на случувањата, секој во рамки на надлежностите на својот мандат,“ се додава во соопштението.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Рестрикции нема, но неопходно е рационално трошење на струјата, вели Бислимоски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Меѓународниот кривичен суд почна истрага за воени злосторства во Украина

Редакција

Зошто Водици уште се нарекува и Празник на Светлините

Редакција

Нови правила за влез во Грција од утре: ПЦР-тестирањето за деца ќе почнува од 12-годишна возраст, а ќе се влегува и со брз антигенски тест

Редакција