Како изблик на незадоволство од културната и сеопшта состојба на теренот, „ПМГ Рекордингс“ веќе 21-на година издава и промовира македонска музика и култура, со единствена цел: поквалитетен живот. „ПМГ Рекордингс“ фестивалот е една од врвните годишни заложби на оваа дискографска куќа и секогаш носи некои од најсвежите, најквалитетни домашни, но и странски имиња.
Овогодинешното, деветто по ред издание, ќе се случи на 5 октомври, сабота, во Младинскиот Културен Центар, Скопје и ќе биде вистинска прослава на современиот звук. На три подиуми за танц, ќе настапат 15 артисти од електронската, рок и џез сцена, признати музички автори, изведувачи од домашната и меѓународна сцена.
На фестивалот ќе настапат домашните џез состави „Сетстат” и „Светлост” како две моментално најрепрезентативни музички формации кои го негуваат современиот џез звук. Првиот состав – музички бард со долгогодишно искуство и докажан квалитети, другиот со младешка енергија, креативност и фантастичен звук. Сцената со нив ќе ја сподели и „Мухамед Ибрахими” нашиот виртуоз на жичани инструменти, кој прави совршен спој помеѓу традицијата и современиот звук.
Од инди рок составите на фестивалот ќе се претстават домашниот состав „Александар Велики” и гостите кои ни доаѓаат од Тирана, бендот „3:56АМ” кои штотуку издадоа албум за ПМГ Рекордингс.
Електронската сцена ќе биде застапена со домашни квалитетни и признати автори и продуценти од различни генерации кои на публиката ќе се претстават со настапи во живо и диџеј сетови.
Од помладата генерација на фестивалот го претставуваме електронскиот колектив „Барум Барум” хит на сезоната со настап во живо, покрај веќе докажаниот и со бројни настапи „Кантон6”.
Како диџеи на фестивалот ќе земат учество ветерантите на електронска сцена, артистите на пиемџи колективот Мирко Попов, Горан Атансовски – Роботек, Дарко Јорданов, Горан Атансовски – Роботек, Илина Ангеловска, Виолета Качакова како дел од колективот од средната генерација, и младите и самостојни а веќе докажани и диџеи и продуценти Бодан Јамакоски и Марко Рикалоски.
Специјалната понуда на вечерта се британските „Параноид Лондон”, еден од водечките состави на современата електронска есид-хаус сцена, кои за прв пат ќе се претстават на македонската публика.
Влезот на фестивалот е бесплатен, и како и на минатогодишно издание, така и оваа година се очекуваат околу 5.000 посетители на еден од најквалитетните и највесели музички автохтони настани во земјата.