Од утре до 30 јуни Државниот завод за статистика (ДЗС) ќе спроведе пробен попис на земјоделството со кој ќе бидат опфатени одреден број семејни земјоделски стопанства и деловни субјекти што се регистрирани и се занимаваат со активности поврзани со земјоделството.
Основна цел на Пробниот попис, како што нагласуваат од ДЗС, е да се тестираат методологијата и прашалниците за спроведување на Пописот, како и организациските и стручните аспекти на оваа активност.
За таа цел, ќе бидат посетени одредени семејни земјоделски стопанства во избрани општини (Илинден, Куманово, Тетово, Кавадарци, Кривогаштани, Струмица и Чешиново-Облешево), како и деловни субјекти во повеќе општини: Илинден, Гази Баба, Кисела Вода, Бутел, Тетово, Куманово, Струмица, Битола, Ресен…
Попишувачите, обучени од страна на Државниот завод за статистика, ќе ги посетат земјоделските стопанства и деловните субјекти и ќе ги интервјуираат со помош на рачно преносливи компјутери – таблети.
– Пробниот попис се спроведува во согласност со Законот за државната статистика, а методолошките и организациските аспекти се целосно усогласени со европските регулативи: IFS 2018/1091, Регулативата за имплементација на IFS 2018/1874 и Регулативата за имплементација на IFS 2021/2269, се вели во денешното соопштение од ДЗС.
Соработката и учеството на домаќинствата и деловните субјекти во оваа статистичка акција, додаваат, ќе му помогнат на Државниот завод за статистика да обезбеди успешно спроведување на главниот Попис на земјоделството следната година.