Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган го оцени намалувањето на вредноста на турската национална валута како „заговор“ против Турција, нагласувајќи дека турскиот народ нема да се предаде.
Третпат по ред лидерот на Турција денеска во својот говор во Трабзон ги повика своите сонародници да ги разменат доларите и еврата кои ги имаат, со цел да ја поддржат турската лира.
Тој истакна дека каматните стапки се средство за експлоатација, кое ги прави богатите уште побогати, а сиромашните уште посиромашни.
– Нема да паднеме во таа стапица. На оние кои го жртвуваат стратешкото партнерство, сојузништвото на 81-милионската држава, поради поврзаност со терористички организации ќе им кажеме „довидување“, додаде Ердоган.
Турскиот претседател повторно ги обвини САД дека ја жртвуваат Турција поради американскиот пастор Ендру Бренсон, кому му се суди во Турција под обвинение за тероризам.
– Нема да се предадеме. Штом вие застанавте против нас со доларот, тогаш ние ќе најдеме начини да ги продолжиме своите дела по други патишта, вели Ердоган.
Оваа година турската лира загуби околу 40 отсто од својата вредност, главно поради загриженоста околу влијанието на Ердоган врз економијата, неговите повици за намалување на каматните стапки и влошување на односите со САД.
САД и одредија на Турција краен рок до минатата среда да го ослободи Бренсон, во спротивно се заканија со санкции.
МИА