Една од обврските на политичарите е да овозможат услови и да го поттикнат економски развој на државите, со цел младите да имаат перспективи во нивните земји.
Ова го порачаа претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмајер и неговиот домаќин и колега Стево Пендаровски на денешната средба во Старата чаршија во Скопје со Алумни членови на Претседателскиот центар за политичко образование и стипендисти на партнерските организации на центарот, на која се дискутираше за перспективите на младите во Македонија и за процесот на европска интеграција на регионот, информираат од Кабинетот на претседателот.
Претседателите Пендаровски и Штајнмајер, како што се наведува во соопштението, со младите размениле мислења за актуелните прашања во Европа и регионот, за европските перспективи на земјите од Западен Балкан, евроинтеграциите на Македонија, предизвиците на младите, растечкиот евроскептицизам и принципот на консензус во однос на проширувањето на ЕУ, справувањето со одливот на мозоци, обезбедувањето на перспективи за младите.
-Претседателот Штајнмајер ги поздрави активностите на Претседателскиот центар за политичко образование и истакна дека му претставува задоволство да ги слушне ставовите на младите од С Македонија, нивните размислувања за Европската Унија, како и нивните очекувања од Германија, се посочува во соопштението од Кабинетот на претседателот Пендаровски.
Претседателски центар за политичко образование (ПЦПО) е формиран со одлука на претседателот Стево Пендаровски во насока на заложбите за јакнење на демократските политички вредности, промоција и заштита на човековите права и слободи, политичкиот плурализам, меѓусебната толеранција, заедништво и солидарност.
Во рамки на ПЦПО се одржува Школата за политики, а партнери на проектот се Фондацијата „Фридрих Еберт”, Фондацијата за демократија на Вестминстер, Фондацијата „Конрад Аденауер”, Националниот демократски институт за меѓународни работи (НДИ), Меѓународниот републикански институт (ИРИ) и Фондацијата „МК2025”.
Претходно, двајцата претседатели се прошетаа низ Старата скопска чаршија, како културно-историски дел од градот и симбол на нашето мултиетничко општество. Тие посетија работилница за филигран и се запознаа со начинот на изработка на уникатен накит, каде неизоставен дел беа и експонати на македонскиот рубин.
Во Сули ан, поразговараа со студенти од Факултетот за ликовни уметности, при УКИМ и посетија едно од ателјеата каде се одржува нивната настава.
Пендаровски и Штајнмајер престојуваа и во Националната галерија Чифте Амам, каде што се сретнаа со Атиџе Муратова и проследија инсерти од филмот „Медена земја“.
Претседателот на Сојузна Република Германија, престојува во дводневна официјална посета на Македонија.
Од Скопје германскиот претседател ќе замине во посета на Албанија.
Фото: Кабинет на претседателот