еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

(Фото) Офицерскиот дом во Битола блесна во полн сјај

Се наоѓа во централното градско подрачје на Битола и гордо зборува за минатото на Градот на конзулите. Битолчани со децении се сеќаваа на приказните за Офицерскиот дом, еден од најмаркантните објекти во градот.

Неговата изградба почнала во 1909 година, но поради војните што го зафатиле Балканот бил довршен дури десет години подоцна. За жал, еден век подоцна објектот беше руиниран и во многу лоша состојба.

За среќа, обновата на Офицерскиот дом во Битола стана една од 14-те најуспешни приказни во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност. Неодамна локалната самоуправа и Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија потпишаа меморандум кој овозможува во споменикот на културата да се вдоми „Куќата на Европа (Europe House)“.

Целта на проектот „Зголемена туристичка понуда на Пелагонискиот Регион преку реставрирање и адаптирање на Офицерски дом заедно со партерното уредување“ е подобрување и креирање на капацитети со историска и културна вредност во насока на развој на туризмот во Пелагонија и околината.

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски вели дека вистинскиот успех се достигнува кога со завршувањето на инфраструктурните активности, започнува процесот на успешност, функционалност и одржливост за културно-туристичка промоција која води кон економско јакнење на регионот.

„Со реализацијата на проектот „Зголемена туристичка понуда на Пелагонискиот Регион преку реставрирање и адаптирање на Офицерски дом заедно со партерно уредување“, овој објект, кој претставува културно-историско наследство на Битола, блесна во полн сјај.

Покрај впечатливата градба на објектот, кој датира од 1919 година, денес, неговата функционалност, насочена кон промоција на културата, повторно ги заживеа салите, во кои се одржуваат голем број концерти, ликовни изложби, научни конференции и тематски работилници, литературни промоции, фестивали,“ вели Коњановски.

Проектот опфати реставрација и адаптација на Офицерскиот дом, партерно и хортикултурно уредување во околината на објектот, подготовка на промотивен материјал за туристичките знаменитости на Регионот Пелагонија и изработка на веб-страница за промоција на атракциите во Пелагонија. Предвидено е и организирање на настани за градење капацитети на чинителите во туризмот.

Според Коњановски, само во првата година од работата на Офицерскиот дом, културните настани ги проследиле над 50.000 посетители од Битола и регионот.

„Во оваа бројка се и многу туристи кои ја посетуваат Битола и нашиот културен бисер – Офицерскиот дом. Успешната приказна продолжува со реализација на нови содржини, низ кои континуирано се збогатува културната понуда на регионот, со што се зајакнуваат меѓусебните врски, а се реализираат и нови проекти на прекугранична соработка.

Офицерскиот дом, покрај многубројните можности, создава и нови услови за младите, нивните идеи и предлози кои ќе го исполнат просторот, во кој во нашата европска Битола, ќе биде отворена „Куќата на Европа (Europe House)“,“ вели Коњановски.

Офицерскиот дом бил граден како синтеза на палата и тврдина. Објектот бил користен од турската, српската, бугарската, југословенската и на крај, од македонската војска. „Златен период“ на овој објект се шеесеттите до осумдесеттите години на 20. век, кога вратата се отворала само за генерали и офицери.

Откако АРМ го напуштила Офицерскиот дом, објектот никогаш повеќе не бил ставен во функција. Тука се снимале неколку филмови, во внатрешноста и дворот се организираа различни манифестации, но никогаш не се најде трајно и одржливо решение.

Во 2020 година почна целосно реновирање на објектот. Вкупниот буџет за проектот беше 788.006 евра, од кои Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија обезбедија 875.829 евра, а Општина Битола 87.823 евра.

Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК) беше проект финансиран од ЕУ насочен кон подобрување на придонесот на туризмот кон локалниот економски развој.

Сите успешни приказни од ПЛРК можат да се видат тука.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Ист Гејт Мол“ од утре продолжува со работа

Редакција

Седум супермаркети казнети по 7.000 евра, бидејќи не ги почитувале одлуките на Владата

Редакција

Убава вест: Оздравени од корона вирусот 41 пациент

Редакција