“Алкалоид веќе 85 години поставува стандарди на успешно работење во нашата земја. Извезува на повеќе од 40 пазари, со постојан раст на производство и вработени“, напиша на Фејсбук вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Бетиќи по посетата на Алкалоид.
“Алкалоид има склучено договор со Владата преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите вo 2018 година, со кој превидуваат петгодишен инвестициски циклус и во три години веќе се вложени 23,4 милиони евра, а како поддршка од Владата, за мерките од договорот, во овие три години кумулативно се исплатени 3,58 милиони евра.
Значајно и забележливо е нивното вложување во технолошки напредок на производството и кадарот, но според мене најважно постојаното вложување во истражување и развој.
По впиеното искуство од неодамнешната посета на Израел дополнително го зацврстив моето уверување и заложба за се посилна поддршка на домашните компании кои вложуваат во истражување и развој (R&D).
Токму затоа и работиме на измени на Законот за финансиска поддршка за инвестиции, преку кои Владата ги поддржува домашните и странските компании, а тие треба да го поттикнат токму тоа – стимул и државна поддршка за сите компании кои ќе вложуваат и посветеност и инвестиции во истражување и развој како и градење на човечки капацитети“, напиша тој.
Фото: Влада