еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО ТОП СТОРИИ

(Галерија) Дебар Маало осветлено во чест на Горан Стефановски: „Искрата што се измолкнува“ од неговиот есеј да ни биде светлина

Вчера, во вечерните часови, дел од Дебар Маало беше новогодишно осветлен и украсен во чест на големиот македонски драмски автор и есеист, Горан Стефановски, по повод 70 години од неговото раѓање.

На настанот присуствуваа неговиот син Игор, неговиот брат, најдобриот македонски гитарист Влатко Стефановски, како и поголем број почитувачи на Стефановски.

Скопје беше центар на Европа, барем за оние кои вчера беа во Дебар Маало.

Порака од последниот есеј на Горан Стефановски „Искрата што се измолкнува“, објавен во книгата „Идентитетот е приказна“, на македонски и во превод на сите јазици на Европската Унија е испишана на рачно изработените сувенири кои во празничниот период ќе го красат паркот во кој е спомен-обележјето „Клупата на Горан Стефановски“.

Преводите се обезбедени во соработка и со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ).

На настанот синоќа во Дебар Маало, се обрати Иван Антоновски, познавач и почитувач на ликот и делото на Горан.

„Сите копнееме да ја ткаеме и знаеме нашата приказна и затоа бараме мајстор раскажувач, како што велеше нашиот Горан Стефановски.

Ние имавме мајстор раскажувач на нашата приказна! Токму тој, македонскиот автор чии драми и есеи се најпреведуваните во Европа. Со нив, на сцена, и овде, во македонскиот, и ширум европскиот културен простор, тој, без ни малку субјективност ја раскажа и покажа исткаената македонска приказна – кажа и покажа кои сме, зошто сме и што сакаме.

Ама во исто време, објективно ја раскажа и покажа и приказната за Европа. Всушност, Горан ги спореди и ги проткаја приказните. И успеа – ги поврза причините и последиците, ги симна маските и ни кажа каде сме исти, каде слични, а каде сосем различи.

На сите кои сме дел од современата европска култура ни овозможи вистински, критички да се спознаеме себеси и да го спознаеме Другиот. Со тоа и ги протолкува знаците и ни понуди патокази – ни кажа како да ги ткаеме следните поглавја на приказните и како да ни се случи заедничка приказна без наратив на Ние и Тие, на големите и малите, на супериорните и инфериорните, на вредните и невредните.

Зашто ни ги покажа вистинските вредности во кои треба да е втемелена секоја вистинска приказна и инсистираше на нејзината автентичност и снажност. И не еднаш предупреди дека „за да преживееме во суровиот свет, приказната мора да биде точна, втемелена во знаење и проникливост“.

Се чини, како и пораките на други знаменити европски автори, и неговите, за жал, не секогаш беа во целост вистински разбрани тогаш кога ги упатуваше. Иако отворено велеше дека подеднакво се инфериорни позициите на „наакани самобендисани бабаити“ и на „лигави некритични епигони“.

И иако во исто време се бунеше за стереотипните прашања поставени од позиција на некаква супериорна Другост. Отворено прашуваше: „Зошто постојано ме сведуваат на нивната претпоставка за тоа кој сум? Зошто ми подметнуваат нивна приказна за тоа која е мојата приказна? Зошто е тоа единствениот простор што ми го оставаат за дискурс?“ На овие прашања, Горан не доби одговор во текот на својот физички живот.

Но, се надевам дека по оваа 2022., кога одбележуваме седумдесет години од неговото раѓање со расктајување на неговите приказни, веќе сите, подобро ќе ги разбираме Горановите пораки. Тоа и мора да се случи – заради нашата заедничка приказна!

Во текот и на зимската, и на летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), кои му беа посветени и на неговото творештво, исчитувајќи ги, односно расткајувајќи ги приказните од дел од Горановите дела со семинаристи од повеќе европски држави се уверивме – лингвистите, книжевниците, преведувачите и културолозите, и овде, и воопшто ширум Европа, добро ги разбираат Горановите пораки.

Преку неговите драми и есеи ја спознаваат и вреднуваат македонската и заедничката европска приказна и знаат како би требало да се ткаат следните поглавја!,“ рече во обраќањето

Организатори на настанот се Делегацијата на Европската Унија и „Јуроп хаус“.

Фото: Europe House Skopje

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Младо момче нападнато во автобус на ЈСП од две повозрасни лица

Редакција

(Видео) Пред Владата се протестираше за криминалот на Онкологија и измените на Кривичниот законик

Редакција

Вкупно 26 заболени од корона вирусот: Позитивни се резултатите и на тројца пациенти тестирани во „Жан Митрев“

Редакција