еМагазин
Image default
Забава ТОП СТОРИИ

(Галерија) Домашните дизајнери со светски креации на Скопски моден фестивал

Со ревиите на Мелани Дигит, Сара Реџиќ, Ателје Краљевски и Роберт Ивановски, се заокружи и вториот ден од најголемиот моден настан во земјата, кој до 20 ноември ќе се одржува во трговскиот центар Скопје Сити Мол.

Прва на сината писта продефилира колекцијата „Фигура“ на Мелани Дигит. Апциклираните капути, мантили и бунди се новитет во нејзината работа, а деби ревијата пред скопската публика проговори за реобновлив текстил што на циркуларен начин се претвора во авангардна колекција.

Во соработка со македонскиот бренд за долна облека Sara Fashion, унисекс фигурите на Дигит покажаа дека добрата креација трае вечно. Дизајнерката преку најновата серија ја потврди суштествената значајност на одржливата мода.

Понесена од хипи движењето како автентичен печат на нејзиниот бренд, добро познатата дизајнерка Сара Реџиќ повторно произведе специфична колекција со традиционални плетива и мноштво дезени како лајтмотив. Низ сите триесет изгледи од „Јесенија“ се провлекува шаренолик израз на силни апстракции конкретизирани во уметничко парче облека.

„Колекцијата е романтична и одржлива приказна која трае повеќе од деценија и продолжување на сè она што со години го работам. Во секоја креација се препознава и чувствува мојата љубов кон правењето облека“, сподели Реџиќ.

Веднаш потоа сите рефлектори се насочија кон приказната на ателјето Краљевски, што пред фестивалската публика даде неосекојдневен приказ на нослива ексцентрика. Металик фустани, капути од змиски принтови и тантела здолништа беа дел од безграничната креатива што вчеравечер доживеа спектакуларно модно дефиле.

Крајот на втората вечер го означи Роберт Ивановски, а ревијата на асиметрична машка линија пренесена во единаесет модели, постави нови темели на машката мода.

Присутните имаа можност да погледнат возбудливи креации со едноставна, а сепак драматична естетика што плени. Кралско сината и црна се доминантните бои на бескомпромисните парчиња што излегуваат надвор од границите на секојдневното. Истовремено, колекцијата „X|“ зрачи со удобност за лесни дижења и удобност во она што се носи.

„Брендот создава современа облека за урбани луѓе, кои имаат тенденција да вклучат уметност и безвременски дизајн во нивното секојдневие. Модерен и минимален гот дизајн се главните карактеристики за нашиот стил“, изјави Ивановски.

Фото: Антонио Станков/Марко Вилиќ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Поплави во Србија, вонредна состојба во 39 градови и општини, евакуирани 75 лица

Редакција

Никола Лазаров поднесе оставка од Одборот на директори на Макошпед

Редакција

Дардишта од ДУИ се закани со војна

Редакција